23.04.2014 год.

             
Фејсбук има повеќе информации од тајните служби


Фејсбук секојдневно собира неверојатно количество од сите видови податоци, многу повеќе отколку што би можела да собере која било тајна служба на која било држава. Социјалната мрежа досега успеа да добие толку податоци за поединци како што ѝ нема успеано на ниту една влада во светот, а првите луѓе на Фејсбук признаа дека сите видови комуникации на оваа социјална мрежа строго се набљудуваат и следат.



 СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ И ЗАШТИТАТА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ

Она што понекогаш ни изгледа како наивна забава, може да биде и многу опасно, во зависност од тоа како ќе се употребува. Нашите податоци на социјалните мрежи, доколку не се нагодат, генерално се јавни и леснодостапни за секого. Во Македонија во моментов има над еден милион корисници на социјалната мрежа Фејсбук. Бројката сѐ уште расте, што најмногу се должи на промената на генерациите. Додека пред две години доминираа младите, сега Фејсбук сѐ повеќе го прифаќа и публиката над 45 години, која интензивно почна да ја користи оваа социјална мрежа.

Во светски рамки, пак, постојат од 400 до 500 милиони луѓе што во овој миг се на Фејсбук. Поголемиот дел корисници на оваа друштвена мрежа се откажаа од своето право на приватност кога го отворија својот профил.

Секој од нив сам е одговорен за информациите што ги остава за себе затоа што злоупотребата на приватните податоци не може да ја спречи ниту еден правен систем.

- Правото на дигиталното заборавање е утопија затоа што Интернет ништо не заборава. Нема гаранција дека податоците ќе бидат избришани доколку го избришете фејсбук-профилот, или, пак, само се одјавите - вели Андреј Дилегенски, еден од авторите на книгата „Фејсбук и правото“.

На Интернет во моментов има 282 милиони страници посветени само на правни проблеми поврзани со Фејсбук, бројка што говори сама за себе.



ПРАВО ДА СЕ БИДЕ ЗАБОРАВЕН

- Опасноста најчесто е поврзана со неинформираноста за сите можности што една социјална мрежа ги нуди, но и за правото на приватност што го имаат сите корисници. Од добиените претставки во Дирекцијата за заштита на личните податоци, како и во нашата комуникација со граѓаните, корисници на оваа социјална мрежа, можеме да заклучиме дека речиси никој не ја чита детално политиката на приватност на Фејсбук, што секако значи и непознавање на основните поставки (settings), со чија помош можеме да заштитиме голем дел од нашите лични податоци, но и пристапот и видливоста на нашите активности на мрежата. Околу правната регулација важно е да се напомене дека Законот за заштита на личните податоци има важност на територијата на Република Македонија, па со самото тоа Фејсбук како правно лице нема обврска да одговори на легислативата во нашата земја. И покрај тоа, дирекцијата е во постојана комуникација со административниот тим на Фејсбук во Даблин и им помага на македонските корисници во одредени случаи, како што се креирање лажни профили, злоупотреба на корисничко име или лозинка, неовластено објавување туѓи фотографии... - објаснува Елена Стојановска од Дирекцијата за заштита на личните податоци.


Сите наши објави што веќе еднаш биле поставени на Фејсбук остануваат таму. Без разлика дали еден корисник го деактивирал профилот или во моментот не е најавен, сѐ што било направено во состав на оваа мрежа останува на неа.

- Фејсбук има конкретна политика и за бришењето на профилите, која е достапна за сите корисници.
Вообичаена практика е податоците од избришаните профили да се чуваат шест месеци, освен ако надлежен истражен орган на државата од која е корисникот не побарал чување на податоците за цели на истрага. Роковите на чување, поставени од страна на Фејсбук, и не се толку спорни доколку се земе предвид дека секој незаштитен податок од наша страна може да биде преземен, ископиран, споделен на друго место на Интернет, па со тоа да остане видлив засекогаш. Затоа треба да внимаваме што сѐ објавуваме на Интернет и кому му е тоа достапно. Во моментов се одвива процес на модернизација на европската легислатива во која ќе биде предвиден и нов принцип - право да се биде заборавен на Интернет (right to be forgotten), кој во својата основа значи и можност да им се помогне на корисниците за нивните податоци да можат да бидат избришани. Но секако ова не се однесува буквално на сите податоци - вели Стојановска.

Има многу случаи во светот во кои некој добил отказ од работното место затоа што седел во кафуле за време на работа и притоа се чекирал, или затоа што напишал статус против неговиот директор. Забележани се и случаи во светот во кои некој фејсбуковец морал да плати голема отштета, по одлука на судот, затоа што некого поканил на некоја забава. А што станува, пак, со злоупотреба на туѓ профил, разводи, пресметка на разделени партнери преку објавување податоци за нивните малолетни деца, малолетни лица што биле доведени во опасност поради можно киднапирање...



- Фејсбук во изминатава година веќе стана нормален дел од нашето секојдневие. Се споделуваат информации за настани што се посетуваат, важни животни моменти, фотографии од секакви прилики. Тоа што многу често се заборава е фактот дека сите овие информации не остануваат само во кругот на нашите најблиски, туку во рок од неколку секунди можат да го заобиколат Интернет. Постојат нагодувања со чија помош може да се регулира приватноста на секоја од објавите на Фејсбук, меѓутоа најдобрата заштита е сепак селективно објавување информации на личните профили. Во Македонија немам сретнато случај каде што поради Фејсбук некој добил отказ, но, за жал, имам сретнато обиди за кражба на идентитет, каде што се злоупотребуваат лични фотографии на фејсбук-корисници (објавени во албум на нивниот личен ѕид) на профил што се претставува под друго име. За среќа, овој случај имаше позитивен исход, со помош на Агенцијата за заштита на лични податоци и директен контакт со Фејсбук, лажниот профил беше избришан. Сепак, останува прашањето што се случува со сличните вакви профили што никој сѐ уште не ги „уловил“. Доколку сме внимателни со податоците што ги споделуваме и ги користиме правилно опциите за приватност на Фејсбук, оваа социјална мрежа може да служи како одлична алатка за забава и за дружење - вели Ива Дујак, експерт за медиуми и комуникации.

ЛЕСЕН НАЧИН ЗА ШПИОНАЖА

Фејсбук секојдневно собира неверојатно количество од сите видови податоци, многу повеќе отколку што би можела да собере која било тајна служба на која било држава. Социјалната мрежа досега успеа да добие толку податоци за поединци, како што ѝ нема успеано на ниту една влада во светот, а првите луѓе на Фејсбук признаа дека сите видови комуникација на оваа социјална мрежа строго се набљудуваат и следат.

Шпионажата е веројатно вториот најстар занает на светот, кој би било потешко да се укине и од најстариот занает на светот. Затоа е потребно секој да пронајде рамнотежа меѓу приватноста и безбедноста. Зашто, сето она што ќе се сподели станува јавна тајна.

„Мајкрософт“, „Јаху“, „Гугл“, „Фејсбук“ и „Јутјуб“ своите податоци им ги даваат на државните органи во САД. Тие ги поседуваат сите податоци на корисниците, па знаат дури и кои сајтови ги посетиле, а благодарение на мобилните телефони, имаат податоци и каде се наоѓате во моментот.

- Државните органи имаат моќ да ги добијат тие информации, но, според мене, уште позастрашувачки е фактот колку личните податоци можат да се прошират по Интернет и без официјални барања на службени лица. Заедниците како 4chan докажаа дека цели идентитети, почнувајќи од живеалишта, работни места или телефонски броеви, може да се откријат во само неколку минути, доколку заедницата најде добра причина за тоа - смета Дујак.

Меѓутоа, постојат ли граници и до кој степен сме безбедни и можеме ли без проблеми да ги користиме социјалните мрежи, оти, сепак, нивната цел пред сѐ е да се забавуваме.

- Во моментот кога ќе се запознаеме со правилата на функционирање на некоја социјална мрежа или веб-сервис и кога ќе ги користиме паметно и во корисни цели, можеме да кажеме дека сме безбедни корисници. Секако, мораме постојано да имаме на ум неколку основни правила, како што е на пример одлуката дали ќе ги објавиме своите лични податоци, особено името и презимето, адресата и телефонскиот број, дали ќе го користиме вистинското име, да ја почитуваме приватноста на другите, да се информираме кој управува со сервисот што го користиме, да ги користиме сите достапни поставки (settings) за уредување на политиката на приватност на веб-страницата, да користиме различни податоци за идентификација на Интернет - тврди Елена Стојановска.


    
      
Автор: Биљана Стојановска / Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.       Фотографија: Фотомонтажа „Нова Македониjа“
    
 Извор: Нова Македонија