Иницијативата за пред судот ја подготви Стамен Филипов. Тој вели дека оспорил дел од Законот за заштита од заразни болести, но и од други два закони. Од Министерството за здравство се изјаснија дека не планираат да дозволат вакцинацијата да биде право на избор на родителите

 

Надлежните велат дека и во земји во кои вакцините се право на избор, во образованието бараат потврди за вакцинација

Родители бараат право на избор за имунизација

Уставниот суд да ја оцени уставноста на законските одредби со кои е определено вакцинацијата на децата да биде задолжителна, но и обврската да бидат вакцинирани за да се запишат во образовниот систем, побараа група родители. Вакцинацијата на децата одамна е жешка тема меѓу родителите. Едни сметаат дека е корисна и дека со неа децата се заштитуваат од болести, други веруваат дека предизвикува тешки болести, а трети се збунети од спротивставените информации што ги добиваат.
Од Министерството за здравство се изјаснија дека не планираат да дозволат вакцинацијата да биде право на избор на родителите, односно тие самите да одлучуваат дали и со кои вакцини ќе ги заштитуваат децата.

Иницијативата за пред судот ја подготви Стамен Филипов. Тој вели дека оспорил дел од Законот за заштита од заразни болести, но и од други два закони.

- Во Законот за заштита од заразни болести е определено дека вакцинацијата е задолжителна. Но што ако родител не сака, не даде согласност? Родителот е повеќе заинтересиран за него отколку државата.
Сметам дека треба да има право на избор, а ризикот да биде на оној што нема да прифати вакцинација - вели Филипов.

Во Законот за основното образование, објаснува, е определено дека не може да се запишуваат деца на училиште доколку не се вакцинирани.

- Жените што имаат трето дете не може да земат детски додаток ако испуштиле или не им дале некоја вакцина на првите две. Сметам дека и тоа е спорно - додава Филипов.

Од Министерството за здравство велат дека секој има право да поднесе иницијатива.

Д-р Јованка Костовска, национална координаторка за имунизација, вели дека со години има успешна имунизација и тоа така треба да продолжи.

- Ако сакаме да имаме мирна епидемиолошка состојба и колективна заштита, тогаш треба да имаме и голем опфат во вакцинирањето. На пример, една вакцина некого штити 70, друг 80, а некој 90 отсто од болест. Не држи она што го зборуваат дека сами ризикуваат нивното дете да се разболи ако не го вакцинираат. Кога нема колективен имунитет, може заразено дете да разболи и веќе вакцинирано, кое има понизок процент на заштита, а е со слаб имунитет - вели д-р Костовска.

Таа додава дека и во земји во кои вакцините, или дел од нив, се право на избор, во образованието бараат потврди за вакцинација.

Југослав Миленковиќ од Уставниот суд објаснува дека според процедурата оттаму прво се обраќаат до Собранието и до надлежните министерства, кои се предлагачи на законите. Собранието треба да им ги достави образложенијата на законите, а во рок од 30 дена да се произнесат и министерствата. Потоа се прави анализа, се презентира на седница и се одлучува што понатаму ќе се преземе. Меѓу другото, судиите може да побараат подготвителна седница на која ќе ги слушнат спротивставените страни, а може и веднаш да одлучат дали ќе поведат постапка за преиспитување на уставноста.

Поддржувачите на вакцинацијата, кои тврдат дека нема докази за нејзина поврзаност со болести, се плашат дека поради стравот од вакцини ќе се вратат старите искоренети смртоносни болести и ќе мора да се бориме со нив.

Оние што ги водат антивакцинациските кампањи ги обвинуваат токму вакцините и состојките во нив за појава на тешки заболувања. Тие веруваат дека и вакцините се виновници за аутизам кај многу деца, за имунолошки и алергиски заболувања, па дури и за смртоносни болести како рак.

По низа години и во Македонија почнал да опаѓа опфатот на вакцинирани деца на поединечни вакцини.
  
   
Автор: Наташа Бошковска-Златкова / Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите. 

Извор: Нова Македонија