9.02.2014 год.



На што прво помислувате кога гледате реклама за производи за слабеење или било кој друг производ за кој може да се употреби големо количество Photoshop? Со текот на времето луѓето научија дека рекламите во голем дел содржат лаги, па не изненадуваат резултатите на компанијата за истражување на пазарот Lab 42.

Само три проценти од 500 испитаници одговориле дека веруваат во она што го гледаат на рекламите, а повеќето од нив одоговориле дека сметаат дека рекламите за слабеење се направени со помош на Photoshop. Сепак поголемиот дел од луѓето се свесни дека содржината на рекламите мора дополнително да се разубави за таа да има ефект.

Најголема потешкотија за пласман на производ на пазарот имаат оние производители кои нудат нешто ново, затоа што потрошувачите купуваат производи кои во голем дел им се познати, а во тој дел во прилог одат 31% од испитаниците кои велат дека купуваат производи само од познат бренд. При купувањето на производ на потрошувачите најважно им е производот да е од познат бренд, на второ место доаѓа промоцијата, а на трето рекламата.



И покрај тоа што социјалните медиуми во овој период доживуваат експанзија само три проценти од луѓето одговориле дека би купиле производ кој бил промовиран преку нив.

Како еден производител да пласира производ? Тајната очигледно е во хуморот, бидејќи 78% од испитаниците најдобро реагираат на забавни реклами, а само 8% на оние со сексуална содржина со што падна во вода онаа изрека дека сексот продава.

 

 ==========================================================================================================

 Пет трикови кои компаниите ги користат за да ги погледнете нивните реклами

Еден од најголемите предизвици на денешницата во светот на маркетингот е обидот да се натера купувачот да забележи одредена реклама на веб сајтовите. Како што пишува Business Insider, половина од рекламите не се забележуваат, затоа што се поставени на позиции кои не се покажуваат на екранот.

Според податоците кои ги објави компанијата Sticky, реалната бројка на луѓе кои ги забележуваат рекламите е 14%. Како што вели директорот на компанијата, Џеф Бејндер, мозокот на луѓето е истрениран да не гледа на одредени места на веб страницата, што значи голем дел од рекламите се залудно поставени.

За да ве натераат да ги погледнете рекламите, оние кои ги објавуваат и поставуваат, користат неколку трикови кои влијаат на мозокот.
1. Сликите од лево, текстот од десно

Кога некој бренд си го поставува логото, важно е сликата да биде поставена од лево со текстот кој стои од десната страна.

Зошто е ова вака? Десната страна на мозокот ги процесира сликите, а мозокот ги процесира визуелните информации обратно. За мозокот да процесуира една слика која е поставена на десната страна тој ќе мора да ја „преврти“ сликата уште еднаш за да ја забележи.
2. Двосмислени изрази на лицето

Кога мозокот наидува на одредено лице, тој се обидува ментално да ги преработи изразите на лицето со изрази кои ги видел претходно. На пример, ако личноста која набљудува забележи среќно или тажно лице, веднаш ја препознава емоцијата и се префрла на нешто друго.

Но, ако на сликата поставите лик за кој не може да одредите дали е среќен или тажен, мозокот дополнително обрнува внимание за да го утврди тоа. Одличен пример за тоа ви е сликата на Мона Лиза.
3. Помалку е повеќе

Колку пати ви се случило да отворите некој сајт и тој да е преполнет со реклами кои изникнуваат од секаде? Ова не им оди во прилог на оние кои ги објавуваат, ниту на оние што се рекламираат. Паметните ќе искористат помал број на реклами и со тоа ќе добијат поголеми приходи затоа што корисниците многу подобро ќе ги забележат.
4. Заобиколен раб

Со текот на времето, еволуцијата ги научи луѓето дека она што има остри рабови може да ги повреди и треба да се избегнува. Заради ова, ако човек види предмет со остри рабови тоа кај мозокот праќа сигнал дека личноста треба да се повлече.

Забележете дека производите на Apple немаат остри рабови. Тоа не е случајно.
5. Правилото од 1,5 секунди

Според она што го објави компанијата Sticky, ако гледачот се фокусира на одредена реклама повеќе од 1,5 секунди тогаш веројатноста да ја запомни е многу поголема. Според она што го вели директорот на компанијата, Бејндер, рекламите кои се прегледуваат помалку од една секунда се вистински предизвик за оние што ги објавуваат.

 

 

 

Извор: Кајгана