Кога ја виде Исус нивната вера… – Тавор
Сите емисии на podcast Тавор https://anchor.fm/tavorkoe
Сите емисии на podcast Тавор https://anchor.fm/tavorkoe
Проф. Михаил Тритос
Никој друг текст не може со таква сила и полнота да ја изрази искупителната, егзистенцијална и метафизичка димензија на воскресението толку добро, како неспоредливиот Канон од Свети Јован Дамаскин.
Тоа е ремек-дело на византиската поезија и еден од најубавите текстови во целата светска литература. Полн со лирски изрази на возвишена духовност и пораки за спасение, дамаскиновиот канон им ја објавува на луѓето од сите епохи „радосната вест за воскресението“, укинувањето на смртта, изобилството на животот и есхатолошкиот триумф. А, посебно ги опишува димензиите и радоста на воскресението; го посочува патот и ги поставува потребните услови за да го видиме воскреснатиот Господ; ги зајакнува луѓето во нивните напори да ја надминат природната и морална злоба преку визијата и сигурноста на учествувањето „во невечерниот ден на неговото царство“.
Прекрасните поетски изрази, изборот на највпечатливиот речник на богатиот грчки јазик, топлиот здив на верата и надежта и, особено, спектарот на моќни искуства од животот – се главните елементи кои ја формираат величественоста на овој прекрасен канон.
Continue readingМанастир Свети Јован Крстител, Кареа, Атика
1. Тоа е настан за кој секој од нас може да биде апсолутно сигурен: порано или подоцна смртта ќе нѐ постигне. Сепак, за повеќето луѓе крајот на животот останува непожелен и се обидуваат да му се спротивстават.
Тоа е од причина што во текот на нашиот живот на оваа земја, не сме биле воспитувани со очекувањето на „трансцендентното“ и не се засновуваме на камен-темелникот на надежта во Христа. Како потомци на Адам, ние сме изненадени од феноменот на смртта, бидејќи, секако сме создадени за вечен живот. И кога го гледаме телото на некој близок како лежи без здив, ова ја покрива и нашата сопствена надеж.
Денес, особено, луѓето се насочени кон видливото, кон она што може да се докаже во лабораторија или може да се предложи како даденост, нешто неподложно на сомневање. Ова е причината зошто изгубиле секаков интерес за она што се случува по смртта и, особено, зошто изумрела во нив секоја надеж за воскресение и бесмртност.
Свети Јован Златоуст ја истакнува следната чудна појава: Сејачот својата егзистенција ја вложува во свежа земја, која длабоко ја ора и обилно ја храни со квалитетни семиња и со надеж. Фактот дека семето ќе изгние и ќе исчезне привремено, не го загрижува, ниту пак му го одзема очекувањето на нова реколта и добра жетва. Но, кога треба да го положиме безживотното тело на личноста што ја сакаме во свежо ископана земја, не ја чувствуваме истата надеж и сигурност како сејачот. Тогаш, отсуството на надворешните знаци на живот се поистоветува со неповратна загуба. Тоа е затоа што во нас ја немаме визијата за „вечната пролет“ и радоста од очекувањето на оној посакуван ден „кој нема вечер“. Луѓето „од овој век“ станаа толку еднодимензионални, што се навикнаа сè да дефинираат во смисла на природни закони.
Continue readingПротојереј Teмистоклис Mурцанос
За Црквата, Велигден е почетна точка на новото создание. Смртта и распаѓањето повеќе немаат место во животот на човештвото и создавањето, туку „сè е исполнето со светлина: небото, земјата и подземниот свет“. Се чини дека ова е противречност за нашиот начин на размислување.
Сите може да го видиме постојаното уништување на животната средина; смртта, која сите нас нè држи во ропство; а, исто така, и фактот дека нашиот свет малку се промени, и покрај пораките и присуството на верата во Христа. Неправдите и војните изобилуваат, групите со приватни интереси се доминантни, животот е лесен за малкумина, но тежок за повеќето луѓе, а напредокот не донесе среќа, туку го изгони Бог од животите на многу луѓе.
Така, прашањето „Какво е значењето на воскресението за луѓето денес?“ – изгледа тешко за одговарање. Повеќето луѓе чекаат да слушнат „Христос воскресна“ и потоа се разотидуваат. Но, ние сме чеда на воскреснатиот Бог. Христос не е морална проповед, социјален реформатор, обичен револуционер, еден од многуте што се појавиле низ историјата. Христос е Бог и човек, и нас нè направи богови по благодат. Тој ни даде можност да го видиме лицето на Бога во овој и во идниот живот. Тој го донесе новото создание – Црквата, за сите, дури и за оние кои не веруваат во него.
Во ова ново создание, сè е вредно, дури и најмалиот лист, бидејќи преку него може да се восхитуваме на убавината на животот што го создал Бог: тајната на љубовта; преобразувањето на сите оние кои веруваат и се трудат; силата на покајанието; светоста што ги опфаќа другите луѓе и целиот свет. Токму оваа сила ја оспособува Црквата да напредува, без да ја уништат грешките на нејзините членови. Крвта на прогоните не ја намалува верата, туку ја зголемува.
Continue readingПревод на дел (од 17 до 21 мин.) од разговорот на романската Тринитас ТВ со ерусалимскиот патријарх Теофил (15.04.2023) .
– Бидејќи Светиот оган (the Holy Light) е највидливото чудо што се случува секоја година во светата црква во Саботата пред Велигден, како се чувствувате, знаејќи дека сте единствениот христијанин во светот во чии раце се пали Светиот оган?
-Тоа е многу посебен, важен настан, затоа што церемонијата на Светиот оган (the ceremony of the Holy light) на Велика сабота е претходна подготовка на луѓето за настапувањето на Воскресението на нашиот Господ Исус Христос. Бидејќи, кога зборуваме за Воскресението, зборуваме за светлината на Воскресението, и затоа, пред да достигнеме до видение на славното Воскресение, славната Светлина на нашиот Господ, што е духовниот живот, претходно мора да ја видиме, да ја допреме, природната светлина (the physical light).
-Отец патријарх, како се подготвувате за церемонијалното Слегување на Светиот оган? Знаеме дека влегуваш во Светиот гроб, никој не гледа што правите таму, и прашањето што го преокупира умот на секој христијанин и на многумина други е; Како слегува Светиот оган?
Continue reading