Скопје, 6 октомври 2011 (МИА) - Албанскиот филм „Крвта што простува“ на американскиот режисер Џошуа Марстон, во кој игра актерот од Македонија Рефет Абази и кој доби „Сребрена мечка“ на Берлинскиот филмски фестивал, на 15 октомври во Битола ќе го отвори 32. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кој ќе трае до 21-ви месецов.

На прес-конференција денеска беше објавена програмата на фестивалот на кој ќе бидат прикажани 75 филмови во осум програми. Ексклузивните гости и жирито ќе бидат објавени идната седмица. Фестивалот веќе ги објави кинематограферите лауреати на „Златна камера 300“ - италијанскиот Данте Спиноти - за животно дело, и францускиот Бруно Делбонел - добитник на Специјалната награда. Во нивна чест ќе бидат прикажани „Последниот Мохиканец“ (Спиноти) и „Амелија Пулен“ (Делбонел).

Директорката на фестивалот Лабина Митевска рече дека годинава тој ќе понуди богата и квалитетна програма и дека големиот медиумски одѕив е доказ  дека „Браќа Манаки“ го добил заслуженото место на светската мапа на филмски фестивали.

Во главната натпреварувачка програма се 10 филма кои селекторот Благоја Куновски ги избрал од 35 врвни филмски остварувања, потврдени на најпрестижните филмски фестивали во Берлин, Кан и Венеција. Тој рече дека фестивалот е насочен кон големи имиња, тандеми, но и кон откривање нови таленти.

За „Златна камера 300“ ќе се натпреваруваат данскиот „Меланхолија“ на Ларс вон Трир, полските „Млинот и крстот“ на Лех Мајевски и „Венеција“ на Јан Јакуб Колски, шпанскиот „Жив закопан“ на Родриго Кортес, рускиот „Тивки души“ на Алексеј Федорченко, турскиот „Беше еднаш во Анадолија“ на Нури Билге Џејлан, канадскиот „Пожари“ на Денис Вилнев, унгарскиот „Коњот од Торино“ на Бела Тар, српскиот „Бел, бел свет“ на Олег Новковиќ и италијанскиот „Првото убаво нешто“ на режисерот Паоло Вирзи.

Куновски рече дека главната програма е скратена од  12 на 10 филмови заради темпото и потенцијалот на гледање на филмовите од страна на жирито.

Македонски филмови ќе нема на годинашниот фестивал, но ќе има македонски актери во странски продукции - покрај Абази во филмот за отворање, Наташа Петровиќ игра во ирскиот филм „Како да ме нема“ на Хуанита Вилсон (во програмата „Нова визија“) и Мето Јовановски во српскиот „Бел, бел свет“, кој е во компетитивната програма, награден на фестивалот во Локарно.

Во програмата „Нови визии“, во селекција на Сунчица Уневска, се седум филмови, од кои три се дебитантски. Новина во оваа програма е воведувањето награда што ќе ја додели жири од градот Битола.  Во документарната програма се 11 филмови избрани од селекторката Евгенија Теодосиевска. Меѓу нив ќе биде и светската премиера на „Трагачи по звукот“ на македонската режисерка од Канада Сузана Диневски. Документарецот раскажува за изработувачи на виолини во Велес. 

Грчката и холандската кинематографија се во фокусот на 32. издание на ИФФК, ќе има и програма на краток филм,   филмови за деца, катче за сценарио, две работилници за продукција, презентација на студиото FX3X...

Директорот на Центарот за култура во Битола Борис Димитровски очекува најдобро издание досега зашто се реконструирани двете сали за проекции (големата делумно и малата целосно)  и има ново филмско озвучување.хс/скс/14:44