Битола, 6 септември 2011 (МИА) - Италијанскиот директор на фотографија кој работи во САД Данте Спиноти е годинашен добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300“, најпрестижното признание што го доделува Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Директорката на фестивалот Лабина Митевска на денешната прес конференција потврди дека наградата на Спиноти ќе му биде врачена лично, бидејќи тој од Лос Анџелес во Битола ќе пристигне на 14 октомври и ќе остане неколку дена.

- Според нововостановената традиција на фестивалот, и оваа година во чест на лауреатот ќе емитуваме негов филм. Данте Спиноти на големото платно и пред публиката во Битола ќе го претставиме со филмот „Последниот Мохиканец“, по истоимениот бестселер роман на Џејмс Фенимор Купер. Данте Спиноти воедно ќе биде и претседател на интернационалното жири на годинашниот фестивал во Битола, истакна Митевска.

Спиноти својот потпис го ставил на филмовите на бројни американски и италијански режисери. Само во последните 15 години бил зад камерите на наслови како Последниот Мохиканец, Убиец на луѓе, Жештина, Црвениот змеј, Икс-мен и други, а годинава се очекува светска премиера и дистрибуција на филмот „Врв на кула“.

Спиноти е добитник на десетина престижни награди, меѓу кои две номанации за Оскар за филмовите Доверливо од Л.А. и Свој човек, а во 2009 година стана лауреат на наградата за животно дело на Фестивалот Камеримаж во Полска

Роден е во Удине, Италија. Кариерата ја почнал на италијанскиот канал РАИ, а најзначајните достигнувања ги има во САД.

Најновото 32. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 15 до 21 октомври во НУ Центар за култура-Битола, за кога се предвидени повеќе работилници, документарна и детска програма, како и други содржини покрај основните, односно проекцијата на филмови во конкуренција за награди, за најдобрите остварувања на камерманите од светот.

- Подготовките за 32 издание на фестивалот се во тек и како град домаќин ќе направиме се за да гостите од сите страна на светот се чувствуваат пријатно во Битола. Од организациски аспект веруваме дека ќе бидеме подобри од лани и дека се ќе биде на високо ниво, посочи битолскиот градоначалник Владимир Талески.

Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“-Битола, годинава ќе се одржува под мотото „Продолжи да гледаш“, и за негова реализација издвоени се 200.000 евра буџетски средства, но и друга логистика за непречена организација.мт/14:05