Манастирскиот комплекс Свети Наум од 26 август до 5 септември е закрила за уметниците од Словачка, Србија, Црна Гора и Македонија, кои творат во овој прекрасен манастирски комплекс. Меѓународната колонија е под покровителство на Агенцијата за култура ИКОН, која минатата година во чест на 11 векови од смртта на свети Наум организираше изложба "Климент и Наум и нивната духовна светлина", на која учествуваа околу дваесет уметници.
"Нивното дело ги надминува границите на нашата земја, затоа овој настан треба да се гледа како цивилизациски чин значаен за повеќе земји, до кои стигнало словото на овие најзначајни ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Затоа одлучивме оваа изложба да прерасне во проект", се вели во соопштението на ИКОН.
Претставници на Македонија на колонијата годинава се уметниците Димитар Стојчевски, Доне Милјановски и Маријета Сидовски. За идната година се планира да бидат поканети уметници од Бугарија, Романија, Украина и Русија.