M.Kufojanis.jpg
Концерт за виолина и пијано во изведба на Момчило Куфојанакис (виолина) и Весна Ангелова (пијано), ќе се одржи вечерва во 20 часот и 30 минути во фоајето на Македонската Опера и Балет во Скопје.
На програмата се дела од Бетовен, Бах, Вјењавски и Стојан Стојков.
Куфојанакис е апсолвент на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. м-р. Михаило Куфојанакис. Во 2009 и 2010 година посетува интензивна Мастер класа во меѓународниот центар „Е-Вивалди“ во Венеција-Италија, каде работи со д-р Ино Мирковиќ, визитинг професор на Московскиот државен конзерваториум „П. И. Чајковски“ и на Ерменскиот државен конзерваториум во Ереван. Добитник е на две специјални награди на државни натпревари како и три први награди на државни, регионални и меѓународни натпревари.
Весна Ангелова е член на комисија на државниот натпревар по камерна музика, а вработена е како професор по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ и како надворешен соработник на Македонската Филхармонија. Добитник е на први награди на државни натпревари по пијано, како и специјална награда на меѓународниот натпревар во Нови Сад - Република Србија. Настапувала и во Германија, Србија, Турција, Бугарија, Франција, Чешка.