Брисел, 18 ноември 2010 (МИА) - На македонскиот писател Гоце Смилевски денеска во Брисел ќе му биде врачена Наградата за литература на Европската унија. Ова високо признание, што го доделува Европската комисија во соработка со Европската федерација на издавачи, Смилевски го доби за романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“. 

Наградата во Кралскиот фламански театар ќе му ја врачи Андоула Василиоу, комесар за култура во Европската комисија. Покрај Смилевски, добитници на наградата се и писатели од Германија, Данска, Белгија, Финска, Луксембург, Романија, Кипар, Естонија, Словенија и Шпанија.

Со фрагменти од романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“, минатата година Смилевски беше застапен во антологијата „Најдобра европска проза“ меѓу 30 истакнати писатели од европската литература. Антологијата ја објави „Далкеј Аркајв Прес“ од Чикаго. Неодамна „Дијалог“ објави ново издание на романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“. Романот првпат се појави во 2007 година.

Гоце Смилевски е добитник на низа високи книжевни признанија, меѓу кои наградата Роман на годината на Утрински весник за романот „Разговор со Спиноза“, наградата на Австрискиот и Македонскиот ПЕН Центар за драмата „Три куси танцови чекори преку границата“ и наградата на Централноевропската иницијатива за најдобар европски писател до 35 години.

Неговиот прв роман „Разговор со Спиноза“, кој во Македонија има пет изданија, е објавен и во САД, Полска, Словенија и Хрватска, а „Архипелаг“ од Белград го презентираше во рамки на едицијата „100 Словенски романи“.хс/вј/8:07