СКОПЈЕ И РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ЌЕ БИДАТ ДОМАЌИНИ НА МИНИСТЕРСКАТА КОНФЕРЕНЦИЈА „ОПШТЕСТВЕНАТА ВРЕДНОСТ НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО ВО ЕВРОПА“
Конференцијата, на која се поканети сите министри за култура на земјите-членки на Советот на Европа, ќе придонесе за зацврстување на интегрираниот пристап на Македонското претседателство и неговите приоритети.

На конференцијата ќе се разгледа најдобриот начин да се зајакне принципот на интегриран пристап во поддршката на европските пилот -проекти во областа на културното наследство. Проектите ќе бидат потврдени низ процесите на мерење и следење на спроведувањето на Рамковната конвенција за вредноста на културното наследство за општеството (Фаро 2005), која влегува во сила благодарение на тоа што Македонија ќе ја потпише.

На конференцијата ќе биде потпишана и т.н. Скопје агенда, која ќе ја позиционира РМ како водечка земја во регионот во мониторингот на реализацијата на проектите во Југоисточна Европа во областа на заштитата на културното наследство.  Со усвојувањето на „Скопје агендата“ , односно по завршувањето на предложениот тригодишен период кој почнува од јануари 2011 година, добиените наоди од мониторингот ќе се презентираат пред Секретаријатот на Советот на Европа, со цел да се прифатат како официјални препораки на сите држави - членки.  Оваа т.н. „Скопје агенда“ и некои пилот -проекти што ќе се разгледаат, исто така, ќе бидат во насока на промоција на Југоисточна Европа, како и регионот Црното море и Јужен Кавказ како регионални опсерватории за меѓународни стратегии за наследство.

Во рамките на Конференцијата ќе биде промовирана и „Белата книга на интеркултурниот дијалог“ на Советот на Европа, во согласност со целите на Македонското претседателство со Комитетот на министри на Советот на Европа, со цел јакнење на фундаменталните принципи и вредности на Организацијата во годината кога ги одбележуваме 60-годишнината од прифаќањето на Европската конвенција за човекови права и 25-годишнината од Европската конвенција за заштита на архитектонското наследство (конвенција „Гранада“).

Конференцијата, преку своите материјални резултати, ќе придонесе кон „меката безбедност“ на Европа втемелна во почитувањето на човековите и социјалните права; ќе го потенцира потенцијалот на наследството во подобрувањето на квалитетот на животот; ќе ги имплементира педагошките вредности на наследството како фактор за помирување и превенција од конфликти и притоа ќе понуди рамка за соочување со социјалните и со еколошките предизвици на општествата кои постојано се менуваат.

 

Извор: http://www.kultura.gov.mk/listsoopstenija_more.php?id=516