Традиционалната интернационална Ликовна колонија Галичник, својата овогодишна јубилејна, 21-ва по ред, сесија ќе започне на 23 август. На неа ќе земат учество 10 уметници од повеќе земји и тоа: Георги Крастев - Бугарија; Ѓорѓе Одановиќ - Србија; Гордана Добровиќ - Србија; Фахредин Спахија - Косово; Нена Шешиќ Фишер - Холандија; Ненад Фишер - Холандија; Мириам Тајс - Германија; Игор Сековски, Роберт Јанкуловски и Осман Демири - Македонија. Овогодишната сесија на ликовната колонија Галичник, со цел да го одржи не само квалитетот и професионалноста, кој е веќе потврден и од домашната уметничка фела и критика, но и од странската, туку и да биде во чекор со најновите текови во уметноста, и овој пат ќе опфаќа работа само и исклучиво со таканаречените „нови медиуми”, т.е. фотографија, дигитална графика, фото инсталација, видео арт, видео инсталација. Сите учесници се значајни и афирмирани уметници во земјите од каде доаѓаат, а и пошироко, со исклучителни остварувања зад себе и иако повеќето млади имаат веќе изградени богати биографии.

Очекуваме и убедени сме, дека и овогодишната креативна средба, како и сите досега, ќе се одржи на највисоко професионално ниво и дека како резултат на тоа ќе бидат создадени одлични дела, а Ликовната колонија Галичник уште еднаш ќе го докаже квалитетот и посебноста, поради која стана препознатлива и единствена манифестација не само во Македонија, туку и на светската арт мапа.

 

Искрено и со почит,

Ана Франговска,
уметнички раководител