четврток, 19 август 2010,
Уметници од Македонија, Турција, Франција, Црна Гора, Словенија и Хрватска годинава ќе учествуваат на петтото издание на Меѓународната ликовна колонија „Скопје 2010“, што ќе почне утре.

Како што соопшти Град Скопје, во рамки на годинашнава колонија ќе творат Гоце Божурски, Сашо Поповски, Роберт Цветковски, Јулијана Гешоска и Шќипе Мехмети од Македонија, Сандрине Бридиер од Париз, Франција, Берна Еркун од Истанбул, Турција, Момчило Мацановиќ од Тиват, Црна Гора, Нарцис Кантарџиќ од Целје, Словенија и Славица Марин од Умаг, Хрватска. Учесниците на колонијата традиционално творат на тема „Скопје“.

Колонијата, што ќе се одржува во центарот на Старата скопска чаршија, во хотелот „Арка“, е во рамки на програмските активности на Град Скопје за ревитализација на Чаршијата.

Покровител на колонијата е Град Скопје, техничката организција е на Музејот на Град Скопје во партнерство со хотелот „Арка“, кој е и главен спонзор на Колонијата. Уметниците ќе работат во специјално подготвени простори за работа во хотелот „Арка“, каде ќе престојуваат до 30 август годинава.

По завршувањето на колонијата, ќе биде отпечатен каталог и ќе се организира изложба со создадените дела.

http://www.time.mk/read/f9029c17be/233c8c509b/index.html