Во рамките на „Културно лето на Карпош“ од 16 до 26 август ќе се одржува симпозиум посветен на акварелот

 

„Акварелен симпозиум“ е насловот на најавениот настан што ќе се одржува во Скопје во рамките на манифестација „Културно лето на Карпош“, од 16 до 26 август. Симпозиумот ќе го поддржи Општина Карпош, а планирано е во текот на седум дена уметниците, учесници од Македонија и странство да сликаат на отворено, на различни локации низ главниот град (цркви, џамии, археолошски локации), а три дена да работат и во Охрид.

Ликовната уметница Пандора Апостолоска-Саздовска, која и го организира симпозиумот, како единствена претставник од Македонија, од 2 до 14 август учествува на интернационалното акварелно случување во градот Калдас да Раинха, во Португалија. Таа посочува дека станува збор за проект од областа на културата што го промовира акварелот како техника, но вели дека има и поголемо значење за промовирање на културата, традицијата и историјата на тој град.

Токму ова нејзино учество го наведува како прва причина за организирање на претстојниот симпозиум за акварел во општината Карпош, потенцирајќи ја како втора важна причина, можноста на него да учествуваат покрај македонските, и неколку акварелисти од Европа: Џоел Тензин - Франција, Еуген Чисничеан - Молдова,

Немесио Рубио Педрајас -Шпанија, Абделазиз Зероу - Мароко. Од Македонија е најавено учество и на уметниците Симонида Филипова Китановска, Денис Тенев, Илија Кавкалески

„Акварелот во Македонија отсекогаш бил редок медиум на ликовно изразување. Повремени обиди во акварел среќаваме кај неколкумина автори од постарата генерација како Димитар Пандилов, Вангел Коџоман, Томо Владимирски, Василие Поповиќ – Цицо, Лазар Личеновски, Никола Мартиновски и Теофил Шулајковски. Но, кога станува збор за акварелот како сликарска техника, сите горенаведени автори ја практикувале многу ретко, претежно за забележување на моменти во вид на скица, или поради брзината на изразување. Единствено Љубомир Белогаски зазема најзначајно место во македонската акварелна уметност. Како еден од нејзините основоположници, тој најдоследно го одгледува повеќе децении и дава особен придонес во афирмација на акварелот во Македонија, како дисциплина самостојна и рамноправна на другите“, вели ликовната уметница, која смета дека на Скопје му е потребно едно вакво културно случување, но и дека на овој начин ќе успее да ја оживее техниката што смета дека, за жал, полека но, сигурно изумира во Македонија.

Вели дека, добриот акварелист мора да има нагласено чувство за доживување на природата и предметите. „Акварелот е и најпогоден за интимистички теми како што се пејсажот, мртвата природа, архитектурата, портретот, а во поново време и апстракцијата“.

Дора Фотева, кустос советникот во Музејот на град Скопје која раководи со галеријата на Љубомир Белогаски, единствената галерија на акварели во земјава, вчера на штафелај во празниот простор постави едно негово дело. Го извади од депото за да го фотографираме и повторно го врати кај останатите, кои во овие летни денови се наоѓаат во дрвени сандаци, заштитени од високите температури.

Галеријата во декември ќе наврши 19 години постоење, а акварелите тврди таа, се добро сочувани. Задоволна е што Музејот и таа, и покрај минималните норми на чување успеале да ги сочуваат делата.

„Можеби тоа е резултат што на секој три -четири месеци, ја менуваме поставката и што одвреме - навреме и технички ги опремуваме делата. Ние сме задолжени да го чуваме, негуваме и презентираме ова богатство, а за нивната иднина, за тоа дали галеријата ги има потребните услови, треба да се замислат Министерството за култура, Градот Скопје.Во галеријата сеуште нема поставено апарати за мерење на температурата и влажност на воздухот, за што неколку пати конкуриравме во Министерството за култура“.

Галеријата е изолирана од дневна светлина, со венецијанери на прозорците, а просторијата е со неонско осветлување. „Ние не даваме трунка дневна светлина да падне на нив. Јас работам под вештачко светло, се во функција на зачувување на акварелот“, вели таа.

Дора Фотева имала можност и да види како Љубомир Белогаски ги работел и ги третирал своите акварели. „Ќе ја потопеше хартијата во вода и потоа нанесуваше на неа бои. Не ги раствораше боите во вода на палета. Многу почесто работеше на тој начин, , таканаречен „сув акварел“. И затоа неговите акварели, кога ќе ги погледнеме како се градени од доле нагоре, ја имаат таа лазурност, транспарентност, импресионистичката нота на градење. Некаде со кратки, некаде со подолги потези, некаде со разлеани плохи, некаде со, во момент нанесени акценти, со врз нив третирано цртевче или акцентирање со моливче. Тој ретко кога нанесуваше на хартијата цртеж, директно работеше со боја.

Имав можност да видам и како ги чуваше делата во своето ателје по музеолошки правила, во дрвени сандаци, во темно. Ако не се работи со добра боја, со вистинска акварелна хартија, сликата е краткотрајна и избледува, особено од сончевите зраци. Акварелите треба да се чуваат на сува површина, без влага, да не бидат директно изложени на сонце. Белогаски работеше со многу квалитетни бои и со исклучително квалитетна хартија и затоа, и најстариот негов акварел од 1938 - 39 година, изгледа како вчера да е работен“.

 

 Катерина Богоева - Утрински весник