В недела, на 25 јули во Музејот на град Скопје (Стара железничка) со почеток во 20,30 час. ќе биде одржана традиционална филмска вечер на наградените филмови од шестото издание на фестивалот на краток и документарен филм Астерфест кој се одржа од 27 до 31 мај во Струмица. Проекциите ќе бидат во вкупно времетраење од 78 минути. Најпрвин ќе биде прикажан 7-минутната документарна репортажа како резултат од работилницата Правење докуметарци. Веднаш потоа ќе бидат прикажани четирите наградени филмови во главните натпреварувачки категории: рускиот документарец ПРОВИНЦИЈА 35х45 кој ја освои Златната потковица (Гран Прито), шведскиот САКАНО ДЕТЕ кој беше прогласен за најдобар светски краток игран филм, шпанскиот ИСПОВЕДТА НА САДУЈ кој ја доби наградата за најдобар анимиран филм и словенечкиот краток игран ЛОВЕЦ НА ОБЛАЦИ кој се закити со Мувиленд наградата.

ПРОВИНЦИЈА 35х45 во режија на Евгениј Соломин

Низ целата земја поранешните пасоши на Советскиот сојуз се заменуваат со новите руски пасоши. Провинцискиот фотограф патува од едно во друго сибирско село за да направи фотографии 35x45 мм. Благодарение на големиот број на клиенти и на длабоките обсервациски проникнувања во селскиот живот, овој филм се претвора во поетска приказна за погледот на светот на луѓето кои живеат во далечните области кои се наоѓаат на крстопат меѓу две култури, советската и оваа, модерната руска.
(документарен филм, 43 мин., Русија, 2009)

САКАНО ДЕТЕ во режија на Даниел Виртберг

Кога тато ќе донесе дома маче, тој и мама ќе збудалат по него, а ужасот на нивната мала ќерка ќе се зголеми.
(краток игран филм, 6 мин., Шведска, 2009)

ИСПОВЕДТА НА САДУЈ во режија на Хозе Хуан Сурас

Ова е кратка сатирична бајка која сака да ја провери правилноста на она што ни го оставија нашите црковни институции нам индивидуалците, особено чувството на вина, потербата да ни бидат простени гревовите, стравот од бога или проклетството.
(анимиран филм, 7 мин., Шпанија, 2009)

ЛОВЕЦ НА ОБЛАЦИ во режија на Миха Книфиц

2147 година. Земјата е пустина, сонцето предатор на небото без облаци. Еден грст старци живеат во градот Црвена пустина. Остатоците од пристништето кои се протегаат во пустината сведочат за фактот дека овде некогаш имало одморалиште покрај разбранувано море. Еден ден непознат човек влегува во барот Фонтана. Леон, ексцентрик со шапка, го препознава во непознатиот, Гоничот на облаци, еден од оние кои го уништиле судот и тоа ја предизвикало катастрофата. .. Базирано на стрипот на Томас Лавриќ.
(краток игран филм, 15 мин., Словенија, 2009)


--
ASTERFEST &
TIBERIOPOLIAN FILM ALLIANCE

AsterFest, P.O. Box 10, 2400, Strumica, MK

Skype: asterfest

www.asterfest.mk