Записи од мноштво разновидни секојдневни настани, улични сцени, филмски снимања, интимни белешки, вечерва во 20.30 часот, ќе бидат дел од изложбата „Пет капки сон“ на режисерот Милчо Манчевски во Музејот на современата уметност. Ова е втора изложба на Манчевски и во неа тој вклучува сцени од своите посети на Индија, Азија и на Африка. Манчевски ги групира фотографиите во секвенции од пет снимки, во кои се спојуваат сосема диспаратни простори, ситуации, времиња, ликови и карактери во еден сугестивен колаж од претстави, кои го предизвикуваат гледачот да учествува во откривањето на нивните неочекувани врски и значења.

Манчевски (1959) е сценарист и режисер на филмовите „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“ и на повеќе од 50 краткометражни филмови, документарци, реклами, музички спотови. Автор е на книгата „Духот на мајка ми“ и на голем број кратки раскази и есеи. Првата негова изложба на фотографии „Улица“ беше поставена во МСУ во 1999 година, а потоа и во Стокхолм, Неапол, Стразбур, Санто Доминго и во Солун.  - Дневник