Слики од Папрадишки
Јубилејна изложба со која ќе се одбележат 150 години од раѓањето на последниот македонски зограф и прв сликар на профано сликарство во Македонија, Димитар Андонов Папрадишки, ќе се отвори вечерва во Центарот за култура во Струмица, од 19.30 часот. На постановката ќе бидат претставени четириесетина слики од сите развојни фази на неговото творештво кои се во сопственост на Националната галерија на Македонија, Музејот на град Скопје, Музеј на Македонија и приватни колекции. Димитар Андонов Папрадишки е најзначајната личност во македонското сликарство кон крајот на 19 век, кој го направи историскиот пресврт поврзувајќи ги последните нишки од религиозното сликарство со првите обиди за профано сликарство. Роден е 1859 година во велешкото село Папрадиште. Во 1884-1885 ја завршува Художествената иконографска школа во Киев. Со неговата појава почнува процесот на бавно запоставување на естетиката на традиционалното византиско и поствизантиско сликарство и „европеизирање“ на црковната уметност во се уште конзервативните црковни средини.