Скопје, 3 септември 2009(МИА) - Четиринаесеттото  Биенале на млади уметници од Европа и од Медитеранот насловено „Седум порти“ свечено ќе биде отворено вечер на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

На манифестацијата насловена „Седум порти“ ќе учествуваат повеќе од 700 млади уметници на возраст од 18 до 30 години од 48 земји кои ќе творат во седум дисциплини - визуелни, применети и изведувачки уметности, литература, музика, гастрономија и слики во движење.

За време на 10-те дена колку што ќе трае Биеналето уметниците со свои дела ќе се претстават во Музејот на Македонија, Музејот на современата уметност, Музејот на Град Скопје, Културно-информативниот центар, Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Младинскиот културен центар, Македонската опера и балет, Даут-пашин амам, Чифте амам, Македонскиот народен театар, Драмскиот театар, Домот на АРМ, во Градскиот парк и на Градскиот плоштад.

Биеналето на млади уметници претставува врвен меѓународен и мултудисциплинарен настан кој ќе овозможи презентација на уметноста на повеќе од 300 продукции во областа на визуелните уметности, 50 во применетите уметности, повеќе од 30 музички групи, над 30 театарски и танцови претстави, литературни читања и гастрономски вечери.

На манифестацијата ќе учествуваат над 1.000 гости меѓу кои, освен уметниците, и стотина ВИП гости, новинари, делегати од познати европски медитерански институции, асоцијации, фондации и меѓународни тела, како и 40 медиумски куќи.

Идејата на Биеналето е да промовира нови идеи, уметници, стандарди во уметноста, а особено во исто време од една страна да биде симбол на уникатноста и различноста на културите што ја сочинуваат Европа, како и оние од Медитеранот, а од друга да биде соединувачко ткиво меѓу различните култури.

Покрај главниот настан, младите уметници ќе имаат можност да учествуваат во многу работилници и настани и по завршувањето на Биеналето, што ќе овозможи дополнителна презентација на македонската култура и уметност, како и можност уметниците да се запознаат со македонското наследство.

Биеналето е во организација на Асоцијацијата за меѓународна младинска соработка од Скопје, под покровителство на Владата, Министерството за култура и Градот Скопје. рп/паг/8:25