Вечерва во црквата "Свети Петар и Павле" ќе се одржи литературна вечер насловена како "Од вознес до тихование"


Во Галичник, во организација на Здружението за литература, уметност и култура "Галикул", вчера започна традиционалната петнаесетта по ред, Галичка книжевна колонија. Покрај потсетот на настани и автори од подалечното и поблиското минато, колонијата главно ги афирмира актуелните текови на современото македонско литературно творештво. На колонијата годинава ќе учествуваат истакнати македонски автори од сите генерации, Матеја Матевски, Георги Сталев, Илхами Емин, Бистрица Миркуловска, Али Алиу, Ристо Јачев, Ферид Мухиќ, Тодор Чаловски и други.

Во рамките на Галичката книжевна колонија ќе бидат одбележани 80 години живот и плодна творечка работа на истакнатите македонски писатели Матеја Матевски и Гане Тодоровски. Дел од програмата е и промоција на поетските книги на Гордана Михаилова Бошнакоска "Толкување на морето" и "Докази". Во текот на денешниот ден ќе се одржи симпозиум на тема "Планината и носталгијата" што ќе го води Георги Сталев, а претходно ќе биде претставен зборникот "Каменот и копнежот", во кој се објавени стихови и текстови од учесниците на минатогодишниот симпозиум. Предвидено е и претставување на книгата "Пишувањето како пресметка за себеси" од Тодор Чаловски и поетската книга "Препечено сонце" од младата поетеса Софија Грандаковска. Вечерва во црквата "Свети Петар и Павле" ќе се одржи литературна вечер насловена како "Од вознес до тихование". Манифестацијата ќе заврши утре, 16 август, со посета на манастирот "Св. Јован Бигорски".

(Д.Т.)- Вечер