Со промоцијата на книгата „Кочо Рацин, живот и дело“ на академик Блаже Ристовски вечерва, во 19.30 часот во Велес, во Ликовниот салон ќе почнат „Рациновите средби“. Ќе бидат во знакот на јубилејот - 70 години од печатењето на книгата „Бели мугри“, првата стихозбирка издадена на македонски јазик. Вечерва ќе се одржи и меѓународниот поетски митинг „Безвремениот Рацин“ со учество на дваесетина поети од Франција, Португалија, Романија, Словенија, Србија, Бугарија, Германија и од Македонија, како и концертот на Силви Реф и на групата „Маниевел“ до Франција.

За утре е предвидена трибината „Седумдесет години од ‘Бели мугри’“, која е во организација на Институтот за македонска литература. Потоа е балетскиот перформанс „Мугра“ во кореографија на Олга Панго. Ќе има и портрети на добитниците на Рациновото признание, на Трајче Кацаров и на Почесното Рациново признание - на Германецот Петер Рау, како и врачување на наградите. Концерт ќе има групата „Баклава“, на тема „Македонската народна песна инспирација за поезијата на Рацин“.