ПРОМОЦИЈА ВО МКЦ - КЛУБ И РЕСТОРАН:
Книга раскази на Атанас Чупоски „Старинарница Балкан“

Во понеделник (15 декември) во МКЦ - Клуб и ресторан, во 19.30 ч. ќе се одржи промоција на книгата раскази на Атанас Чупоски „Старинарница Балкан“ што ја објави книгоиздателството Магор.
„Книгава што ја држите в рака е настаната како амалгам меѓу фактот и фикцијата, документарното и имагинарното, историјата и фантазијата, јавето и сонот...“, пишува авторот во предговорот на книгата што ја сочинуваат 43 наративи кои допираат теми важни за македонската културна и политичка историја.
„Низ една вешто водена интертекстуална игра, воспоставувајќи слоевит дијалог со многубројни историски, книжевни, теориски, теолошки, научни, фолклористички и публицистички извори, Атанас Чупоски нуди свои верзии на историските собитија, во кои се преплетуваат фактите и фикцијата во едно неразделно единство“, пишува Владимир Мартиновски во поговорот на книгата.
    За книгата ќе зборуваат писателите Владимир Мартиновски, Васко Марковски и Влатко Галевски, а како музичка придружба ќе настапат авторот Атанас Чупоски (на кавал) и промоторите Владимир Мартиновски (на тамбура) и Васко Марковски (на мандола).
Атанас Чупоски (1969) е писател и синеаст, компаратист и филмолог, магистер на филолошки науки. Ги објавил книгите: „Концерт на труба во дур“ (поезија, 2007), „Христијанските слики и симболи и нарацијата во филмовите на А. А. Тарковски“ (филмолошка студија, 2012) и „Старинарница Балкан“ (раскази, 2014). Во периодиката објавил стотина студии, есеи, песни, раскази и публицистички текстови. Автор е на радиоемисии (Канал 103, „Без возен ред“ на Радио Равел), тв-емисии и на седум документарни филмови. Работи како виш филмолог во Кинотека на Македонија. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Друштвото за компаративна книжевност на Македонија и на Центарот за култура и културолошки студии.