Неколку збора за драмата
FIGURAE VENERIS HISTORIAE

од Горан Стефановски  напишана по порачка од
Словенско Народно Гледалишче, Љубљана
Режија Александар Поповски

Премиера 16 октомври 2014
Линк http://www.drama.si/repertoar/delo?id=1777


Оваа година се навршуваат сто години од првата светска војна, една од најсуровите катастрофи и кланици во човечката историја, во која 16 милиони луѓе ги изгубија животите, а 20 милиони беа ранети.
Војната е масовно и организирано насилство, круна на политичката
патологија и перверзија на историјата.   
Уште од најрани младешки години бев фасциниран со книгата “Sitten Geschichte des Weltkrieges” (Сексуалната историја на првата светска војна) од Магнус Хиршфелд, објавена во Берлин во 1931. Тоа е социо-политичка критика, во два големи тома, со црвен платнен повез, кои ги најдов во библиотеката на татко ми. Беа на германски и не можев да ги прочитам, но затоа со возбуда ги гледав многуте илустрации - експресионистички цртежи на Георг Грос и Ото Дикс, вулгарни војнички разгледници, пропагандни постери, фотографии на инвалиди и проститутки, многу крв, месо, кич и ужас.  
Магнус Хиршфелд (1858-1935) е писател кој објавил повеќе од 500 наслови на темите на сексуалност, здравје, политика, морал и историја на расизмот. Во 1919 година во атмосфера на Берлинската Вајмарска република Хиршфелд основал Институт за сексуална наука. Институтот имал голема библиотека и архива, во него се одржувале јавни предавања  и медицински консултации.  Како Евреин и хомосексуалец, кој пропагира прогресивни идеи, Хиршфелд бил честа мета на нацистите, честопати физички напаѓан и тешко повредуван. Во 1928 тој учествувал во Светската лига за родова реформа. Во 1930 Хиршфелд поаѓа на долга турнеја во САД и околу светот. Во 1933 нацистите го уништуваат неговиот институт и јавно ги палат библиотеката и архивот. На Хиршфелд му е одземено германското државјанство. Тој умрел во Ница во 1935.
Книгата на Хиршфелд послужи како инспирација за нашата драма. Темата на пиесата е дека љубовта е невозможна во светот на политика. Таа ја прикажува историјата како масовна човечка оргија, баханалија. Војната е средство со кое историјата и човештвото меѓусебно се силуваат.    
Жанрот на пиесата е трагична фарса. Истовремено е трагично и комично да се гледа како луѓето, според Џојс, се обидуваат „да се разбудат од ноќната мора на историјата„.  
А и ако успееме да ја растераме оваа срамна хипноза, дали ќе се засрамиме?

Горан Стефановски, октомври, 2014

(Линк за сајтот на Горан Стефановски е на www.goranstefanovski.co.uk  За пребарување наједноставно е да се отиде на Google, па да се впише Goran Stefanovski, па да се кликне на Playwright, Author, Lecturer. )

 

Магнус Хиршфелд (со мустаќи и очила) и разни пријатели
Биографија на Хиршфелд http://en.wikipedia.org/wiki/Magnus_Hirschfeld

 

Војници артисти на фронт во првата светска војна