Почитувани,

    Ве информираме дека на 4 октомври 2014 година (сабота), со почеток во 20.00 часот, во организација на НУ Национална галерија на Македонија и Музеј МНТ при Македонскиот народен театар, во Даут-пашиниот амам ќе биде претставена јубилејната изложба Столетие, Василие Поповиќ - Цицо (1914-2014). Изложбата е финансирана од Министерството за култура на Република Македонија, и воедно е дел од манифестацијата „Бела ноќ“. Истата ќе биде отворена до 4 ноември 2014 година.
    Василие Поповиќ - Цицо е роден во 1914 година во Скадар, Република Македонија, а во 1938 година дипломирал на Уметничката школа во Белград. Почнал да работи како сценограф во 1939 година (заедно со Никола Мартиноски и Томо Владимирски) во тогашниот Народниот театар „Крал Александар I“ во Скопје (до 1941 година). Од април до ноември 1941 година бил воен заробеник во германските логори во Либек, Хоенфелсу и Нирнберг, додека од април до септември 1944 година бил во интернација во воениот логор во Горна Џумаја. По пуштањето, отишол во партизани и работел во Главниот штаб на НОВ за Македонија (село Горно Врановци). Кон крајот на годината станал сценограф во Македонскиот народен театар и таа должност ја извршувал сѐ до својата смрт. Од 1945 година работел како професор по декоративно цртање во новооснованото Уметничко школо (сега Државно училиште за применета уметност „Лазар Личеноски“) во Скопје. Во периодот од 1945–1950 се занимавал со пропагандна ликовна дејност (описменување, жетва, избори), со изработка на значки, амблеми и сл. Интензивно работел карикатури, цртежи и акварели, илустрации и опрема на книги и илустрацијата на првиот македонски буквар. Творец е на македонскиот државен грб и на првиот грб на Град Скопје. Остварил повеќе студиски патувања во Чехословачка, Италија, Грција, Полска и Франција. Во 1957 ја отворил својата прва самостојна изложба на карикатури и акварели. Помеѓу 1960-1962 работи како постојан карикатурист во весникот „Нова Македонија“. Починал на 10 декември 1962 во Скопје.
    За својата дејност Василие Поповиќ - Цицо е добитник на повеќе награди и признанија, меѓу кои: Награда за уметничка работа од Владата на НРМ и Републичка награда за сценографија (Скопје, 1947); Републичка награда за сценографија (Скопје, 1948); Награда за сценографија од Владата на НРМ (Скопје, 1950); Златна арена за сценографија на филмот „Мис Стон“ (Пула, 1959); Октомвриска награда за политичка карикатура (Скопје, 1960); Октомвриска награда за сценографија на „Крвави свадби“ од Лорка (Скопје, 1962). Одликуван е со медал „Заслуги за народ“ и Орден за „Труд од III ред“, за развој на македонската култура. Постхумно се реализирани повеќе самостојни, комеморативни и ретроспективни изложби посветени на неговото творештво во Скопје (1963, 1971, 1972, 1973, 1981); Белград (2012) и Прилеп (2014).
    Творештвото на Василие Поповиќ - Цицо е претставено преку текстови на Мирјана Талеска, кустос советник; д-р Јелена Лужина и д-р Ивана Јарчевска. Талеска во својот осврт за творештвото на Василие Поповиќ- Цицо го потенцира следното: „Во историјата на современата македонска ликовна уметност на 20 век, Василије Поповиќ - Цицо зазема едно специфично, издвоено и основоположничко место. Тоа е определено од широчината на творечките подрачја во кои се искажувал овој уметник, од неговата пионерска улога во неколку области, а особено во карикатурата и во сценографијата, како и од сериозноста на резултатите што ја има постигнато во секоја од нив. (...) Во центарот на неговото внимание секогаш бил и останал човекот, со сите свои недостатоци и доблести. Ги сакал и ги набљудувал луѓето, ги запознавал, се дружел со нив и некако несвесно ги анализирал психолошки.“ Лужина смета дека „денес, македонската културна историја Цицо заслужено го третира како речиси универзален ликовен уметник, некој вид ренесансна сликарско-цртачка појава. Кога ќе се разгледа и резимира неговата вкупна творечка актива - графичка, цртачка, сликарска, сценографска, костимографска... - непобитно ќе се утврди дека зад неа стои творец кој, со еднаква страст и леснотија, работел во најразлични ликовни техники и жанрови, успевајќи во сите да биде еднакво супериорен“, додека Јарчевска истакнува дека „Стилот кој го разработува Василие Поповиќ-Цицо и естетиката и третманот на кој ја решава сцената е најдоброто дело од визуелната слика во македонската театарска продукција. Неговото ненадејно заминување во 1962 година остави многу анализи и дискусии за неговата работа, но и многу прашања за способностите и можните креативни решенија кои би ги остварил, имајќи го во предвид напредокот и сè поголемите технички можности и услови за решавање на сцената.“
    На изложбата ќе бидат претставени повеќе од 260 дела, меѓу кои и негови лични предмети (акварели, сепии, цртежи, карикатури, сценографски и костимографски скици, реализирани костими, нацрти на книги и публикации, но и негови портрети изработени од неговите колеги Димо Тодоровски, Димитар Кондовски и Никола - Кочо Фидановски) кои се во сопственост на: НУ Национална галерија на Македонија, Музеј МНТ, Музеј на современата уметност - Скопје, Музеј на град Скопје, Македонска академија на науките и уметностите, Државен архив на Република Македонија, Вардар филм Македонија, Друштво на писателите на РМ, Гордана Поповиќ - Васиќ (ќерка на авторот), како и на голем број приватни сопственици.
    На изложбата ќе говорат Маја Неделкоска-Брзанова, в.д. директор на НУ Национална галерија на Македонија; Коце Трајаноски, градоначалник на Скопје и проф. Љубиша Георгиевски.

    Во прилог Ви доставуваме фотографии.


    Со почит,

    Национална галерија на Македонија