Централната прослава на одбележувањето на Денот на независноста ќе започне во четврток во 18 часот пред Собранието на РМ со химната на Република Македонија во изведба на хорот "Св. Злата Мегленска" и обраќање на претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски. Потоа следи свеченото пренесување на Декларацијата за независност на Република Македонија од Собранието на Република Македонија до Музејскиот комплекс - Музеј на македонската борба за државност и самостојност - Музеј на Внатрешна македонска револуционерна организација и музеј на жртвите на комунистичкиот режим со свечено дефиле на единиците на Армијата на Република Македонија и МВР.

Во 18:50 часот, пред Порта-Македонија ќе настапат Калиопи Букле и детскиот хор "Златно славејче". Свечено отворање на Музејскиот комплекс - Музеј на македонската борба за државност и самостојност - Музеј на Внатрешна македонска револуционерна организација и музеј на жртвите на комунистичкиот режим ќе биде во 19.30 часот со театарскиот перформанс "НЕПОКОР" во изведба на актери од повеќе театарски куќи. На присутните ќе им се обрати претседателот Иванов по што следи свечено положување на Декларацијата за независност на Република Македонија.

Во 20,30 часот свечено ќе биде пуштена во употреба фонтаната на плоштадот "Македонија" со споменикот "Воин на коњ". Настап со песната "Со векови во темнина си била" - ќе настапи Каролина Гочева. Потоа следи музичко-сценскиот спектакл "МАКЕДОНИУМ" во изведба на Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, ансамблот "Танец", детскиот хор "Златно славејче" и солистите Ана и Игор Дурловски. На присутните ќе им се обрати премиерот Никола Груевски, по што следи голем музички хепенинг со најпознатите македонски имиња од забавната и народната музика.


ФОТОВЕСТ


Гигантско знаме на плоштадот Македонија!!!


Македонско знаме со огромни димензии утрово е поставено на новата зграда во изградба на Т хоум, на местото на некогашната Народна банка. На скопскиот плоштад во моментов се вршат последните подготовки за прославата за Денот на независноста - 8 Септември. Спроти знамето, до летниковецот, се поставува и огромна централна бина.