Ќе паѓаат рекорди на Скопскиот маратон

 

Организаторот очекува рекордни времиња на патеката низ скопските улици, а фаворити за првите места кај мажите и кај жените ќе бидат неколкуте тркачи од Кенија

Квалитетниот состав на тркачите во машка и во женска конкуренција верува дека рекордите на патеката на Скопскиот атлетски маратон многу веројатно ќе паднат. Ова го изјави Кире Синадиновски, директорот на трката, вчера на прес-конференцијата како најава за утрешниот маратон што се одржува петти пат по ред на скопските улици. Стартот е утре во 9 часот кај плоштадот Пела, а целта е на истото место. Во рамките на маратонот, кој е организиран од Сојузот на спортови на Скопје, се трча и полумаратон, како и трка на 5 километри.

Главни фаворити ќе бидат двајцата Кенијци во машка и една атлетичарка од истата земја во женска конкуренција. Се работи за поискусниот Едвин Черијот Руто, кој на маратонот во Раденци минатата година го освои второто место со солидното време од 2:20:13 часа и неговиот сонародник Диксон Кипкорорс Терер. Нивната колешка Сесилија Вангауи Варутумо има најдобро време во кариерата 2:53:21 часа. Фаворитка е и Унгарката Каталин Фаркаш, која трчала 2:51:00 на патеката од 42,195 километра.

- Очекуваме рекордните времиња постигнати на минатата трка да бидат надминати. Ќе имаме добра трка со повеќе квалитетни тркачи. Очекувам во машка конкуренција победникот да трча под 2:20 часа, а во женска конкуренција под 2:50 часа - вели Кире Синадиновски, директорот на трката. Рекордот на патеката постигнат лани во машка конкуренција е 2:28:56 часа, а во женска конкуренција 2:55:56 часа.

Победниците од минатата сезона, Унгарецот Тамаш Тот и Кенијката со босански пасош Луција Кимани, сезонава нема да се појават во Скопје. Во маратонската и полумаратонската трка ќе има околу 500 учесника, а заедно со трката на пет километри ќе има околу 3.000 учесника. Ќе трчаат и 13 Македонци и 4 Македонки.

Новина е што сезонава овој маратон ќе биде и Балканско првенство. Ќе учествуваат сите балкански земји освен Грција и Босна и Херцеговина. Покрај тоа, трката ќе биде и првенство на Македонија, како што е секоја година. Мерењето на времето првпат треба да биде со електронски чипови што секој од учесниците ќе ги носи, што исто така е новина.

- За Скопје е одлично што има една ваква трка во ранг на маратоните во повеќе европски престолнини. Градот секогаш прави што може за успешно одржување на трката - изјави градоначалникот Коце Трајановски на пресот. Градот придонесува со 25.000 евра за овој настан. Агенцијата за млади и спорт со 10.000 евра, колку што придонесува и канцеларијата на Европската Унија во Скопје.

Новина за оваа година е и што Скопскиот маратон влезе во листата со маратони на ИААФ, на кој може да се исполни норма за учество на Светското првенство во атлетика во 2011 година во Јужна Кореја и за учество на Олимписките игри во 2012 во Лондон. (Б.Г.)


Награден фонд 10.200 евра

Наградите за првото, второто и третото место, мажи и жени, се 1.700, 900 и 500 евра, но само ако тркачите постигнат времиња подобри од однапред зададените од организаторот. Ако времињата се послаби, наградите се намалуваат. Вкупниот награден фонд на Скопскиот маратон сезонава е 10.200 евра.


Привремен сообраќаен режим

Поради маратонот од 9 до 14 часот целосно затворени за сообраќај ќе бидат улиците Димитрија Чуповски, Илинденска, Франклин Рузвелт, Адолф Циборофски, Теодосиј Гологанов, 11 Октомври, делот на Крушевска Република од семафорите кај Тутунски до семафорите кај Полициската станица „Пролет“, Трета Македонска бригада од Полициската станица „Пролет“ до раскрсницата со ул. Фрањо Клуз, десната лента на Јане Сандански од Тобако во правец кон Аеродром, с` до раскрсницата со булевар Србија. Делумно затворени ќе бидат улиците Климент Охридски, Љубљанска, Илинденска, Партизанска.

\Двевник