ПРИНЦОТ МИР И СОПРУГАТА РАНИ АТИКА ОД ХИМАЛАИТЕ ДОАЃААТ ВО МАКЕДОНИЈА


Станува збор за принцот и принцезата на Хунзите, едно од македонските племиња кои живеат во подножјето на Хималаите, кај Пакистан. Тие се потомци на дел од војниците на Александар Македонски, кои во неможност да продолжат со освојувањето заедно со него, останале на овие простори и продолжиле со животот


Принцот Мир Газанфар Али Кан со сопругата Рани Атика, директните потомци на Александар Македонски, утре попладне доаѓаат во посета на Македонија. Принцот Мир, кој е роден 1976 година, со неговата делегација, пристигнува на скопскиот аеродром Александар Велики за каде се подготвува посебен пречек. Следната недела, во четврток ќе биде одржана свечена литургија во Соборниот храм Св. Климент Охридски. Во деновите на престојот ќе бидат примени од целиот државен врв во земјава, ќе ги посетат најубавите места во Македонија, а ден пред нивното заминување на плоштадот во Скопје ќе се одржи хепенинг, на кој тие ќе се претстават пред пошироката публика.

Станува збор за принцот и принцезата на Хунзите, едно од македонските племиња кои живеат во подножјето на Хималаите, кај Пакистан. Тие се потомци на дел од војниците на Александар Македонски, кои во неможност да продолжат со освојувањето заедно со него, останале на овие простори и продолжиле со животот. Првпат за македонските Хунзи земјава дозна во 2005 година. Тогаш новинарката Марина Дојчиновска направи репортажа за животот на овие луѓе кои по многу нешта потсетуваат на нашите древни обичаи. Според неа по нивните традиционални мотиви во везот на облеката, изработката на материјали за покуќнина или пак градбите на куќите се гледа дека станува збор за еден ист народ кој бил одвоен цели 23 века.

Македонските Хунзи од Пакистан се едни од ретките во оваа земја каде нивото на писменост е речиси стопроцентна. Принцезата Ганиер Алика е сопственичка на хотел со 5 ѕвезди во Пакистан.
После 23 векови се остварува нивната желба. Повторно ќе стапнат на македонско тло, онаму од каде што потекнуваат.

"Ова е историски момент за потомците на Александар Македонски, но и за Македонија. Внуците на оние кои се бореа за големината на царството македонско и обединување на целиот познат свет, ќе ја посетат Македонија. Ние ќе се сретнеме со нашите браќа, одделени од земјава цели 2300 години" - велат од Македонскиот институт 16.9, организатор на дочекот на принцот Мир.

(Б.З.)