Вкупно 170 плакати од млади уметници од многу земји во светот ќе се натпреваруваат за награда на изложбата под наслов „Толеранција - глобален предизвик“, која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Музејот на град Скопје, јави МИА. На првиот меѓународен студентски конкурс за плакат во Македонија ќе учествуваат студенти од европските и од светските ликовни академии, академиите за дизајн, визуелни комуникации, медија дизајн и сите сродни дисциплини. Предвид беа земани само плакати со уметничка, а не со комерцијална вредност, кои ги обработуваат толеранцијата и нејзиното поместување од маргините на социјалната комуникација, кои тематизираат социолошки аспекти, лошите општествени услови, социјалната зависност на младите, етничката и класната нетрпеливост и слично. Изложбата ја организира здружението „Плакарт“, во соработка со Музеј на Град Скопје и со парична поддршка од Министерството за култура, Град Скопје и од Град Варшава.Лазе Трипков од „Плакарт“ на вчерашната прес-конференција рече дека подготовките за настанот траеле три години. Идејата е натпреварот да прерасне во биенале. Директорот на Музејот на Град Скопје, Јован Шурбановски, истакна дека ќе се обидат да го организираат и во иднина. Најдобрите плакати ќе ги избере меѓународно жири.