Министерството за култура во соработка со невладината организација "Јавна соба" од 9 до 25 јуни организира втора сесија обуки за организации и индивидуалци активни во областа на културата кои се заинтересирани за приходи од институционални донатори, а кои малку знаат како да дојдат до нив. Целта е што поголем процент од релевантниот културен сектор во земјава да се оспособи правилно да подготвува проект-план и правилно да пополни апликација за грант. Обуките ќе бидат дводневни и ќе се одржат во пет града во Македонија - Охрид (9 и 10 јуни), Битола (11 и 12 јуни), Струмица (16 и 17 јуни), Тетово (18 и 19 јуни) и во Скопје (24 и 25 јуни). Првата сесија на обуки беше изведена на 28 и 29 јануари во Мултимедијалниот центар "Мала станица" во Скопје.