Вчера во Драмски театар беше промовиран новиот сајт на кој може да се купат билети он-лајн со „дајнерс“

Драмски е единствениот театар во земјава кој има функционален сајт (www.dramskiteatar.com.mk) на кој веќе може да се купуваат билети он-лајн. Сајтот беше официјално промовиран вчера во Драмски, во присуство на претставниците од „Дајнерс“, со чии платежни картички може да се врши он-лајн купување на билети.

„Досега Драмски театар функционираше по принцип на слободна продажба на билети на билетарницата на театарот, постоеше организирана продажба на билети на фирми и на средни училишта, а последниот период билети можеа да се купат и со ’дајнерс’ картички на билетарницата на Драмски. Оваа соработка со ’Дајнерс клубот’ сега ја продлабочивме и во сферата на интернет продажба на билети, но секако, претходно требаше да се исполнат некои предуслови, а тоа се изработка на веб-страницата на Драмски театар и фискализацијата на оваа институција“, рече директорот на театарот, Бранко Ѓорчев. Тој се пошегува дека ваквата промоција можеби би била по малку смешна во некоја од западните земји, но како што рече, ако го цитираме нашиот познат драмски писател Дејан Дуковски, дека „Се' што е во светот систем, во Македонија е инцидент и обратно“, тогаш работите стануваат појасни. „Сепак, колку, толку започнуваме да се придвижуваме кон тие западни текови“, рече Ѓорчев.

Актерот и уметнички директор на Драмски театар, Дејан Лилиќ, презентирајќи го сајтот посочи дека на него можат да се најдат најновите информации за Драмски, за претставите на репертоарот, за актерскиот тим, за гостувањата, за наградите... Сајтот се' уште не е наполнет, постојат содржини на кои се' уште се работи и тој во иднина секако ќе се доградува. „Во план е тој да биде преведен не само на англиски, туку и на француски и на албански јазик. Во моментов на него постои само галерија со фотографии, но планираме содржините да бидат надополнети и со видео материјал, како и со музичка галерија во која ќе може да се чуе музиката од претставите.... Не се трудевме да направивме визуелно атрактивен сајт, туку функционален корпоративен сајт кој навистина ќе и' користи на нашата публика“, рече Дејан Лилиќ.

Пред присутните, Лилиќ го демонстрираше и начинот на кој се врши он-лајн продажба на билетите, користејќи ја картичката на директорот на „Дајнерс“, Божидар Јанковски, при што купените билети за најновата премиера на Драмски, „Сите лица на Петре М. Андреевски“ им беа подарени на новинарите. (Л.М.)