Во екот на масовното солидаризирање на стотици професори од сите високо - образовни установи во Република Македонија во нашиот демократски и солидарен Професорски пленум, и охрабрени од одлучноста на професорите да застанат заедно за да го спречат донесувањето на новите измени и дополнувања на Законот за високо образование, во понеделник, 29 декември 2014, со почеток во 11 часот организираме отворено заседание на Професорскиот и Студентскиот пленум пред Собранието на Република Македонија.

На заедничкото заседание ќе се дискутираат прашањата за организирање на претстојните масовни демонстрации на незадоволство и револт како и начинот на организиран отпор кон предложените штетни измени во образованието.

Професорскиот пленум ве поканува да го проследите овој настан на кој исто така на народните избраници ќе им се достават писмата на професорите од Македонија, писмото на странските професори и писмото на студентите со кои се искажуваат аргументите за нашето неприфаќање на предложените измени и дополнувања на Законот за високото образование.

Отворањето на постапката на пленарна седница на Собранието на Република Македонија во спротивност со јавно искажаниот став на најзасегнатите од овие промени, за нас е неприфатлив и недемократски чин и затоа најавуваме уште поголема мобилизација и масовно противење на ваквиот начин на носење на одлуките.

 https://www.facebook.com/events/596022533864539