ТЕТОВО - Вчера официјално беше осветено положувањето камен-темелник и беше означен почетокот на градба на црква во тетовското село Отушиште. Црквата е посветена на св. Николај и претставува прв црковен објект во ова село, кое речиси е составен дел на Теарце.

Црквата се гради во месноста Вакав, каде што се претпоставува дека некогаш постоел црковен објект. Ктитори се жителите на Отушиште и иселеници од ова село во дијаспората, но и од околните населби и други православни верници.

Токму вчерашниот почеток на градба според масовноста и другите содржини доби карактер на црковно-народен собир.

Во тетовското архијерејско намесништво очекуваат црквата да биде готова и осветена наредната година. Во теаречката парохија ова е втор црковен објект што се гради последниве неколку години по соборната црква „Св. великомаченик Димитриј Солунски“ во комплексот во Теарце посветен на македонскиот преродбеник, писател и архиепископ, родениот теарчанец Кирил Пејчиновиќ-Тетоец. (Г.Е.)