Сите возрасни лица кои досега не биле крстени во некој од православните храмови во земјата ќе можат да ја искористат оваа можност



Во последната недела од месецов, поточно на 31 август, е закажано групното крштевање на Матка во водите на Треска и во манастирот "Св. Богородица". Сите возрасни лица кои досега не биле крстени во некој од православните храмови во земјата ќе можат да ја искористат оваа можност. На групното крштевање во водите на Треска ќе присуствува неговото блаженство, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, а ќе го извршат митрополитот Повардарски г. Агатангел во сослужение на повеќе свештенослужители.

 


Како што информираат од "Ѓаконија" - мисионерско-хуманитарната дејност на Скопската и Повардарската Митрополија оваа активност ја планираат во рамките на своето дело на служење. Со цел запознавање со суштината на крштевањето и на другите свети тајни на Црквата, на 22, 25 и 27 август во православниот храм "Св.Петка" во населбата Црниче ќе се одржат подготвителни средби со граѓаните во 18 часот.
- Би сакала да ја искористам оваа можност и да се крстам. Го чекам групното крштевање, бидејќи за мене тоа е многу интересно и оригинално случување, ни рече една 45-годишна скопјанка, која на самиот чин на крштевањето ќе ја придружуваат најблиските членови од нејзиното семејство.

(М.Г.) -Вечер