Париска школа е назив за сите уметници кои по Првата светска војна и помеѓу двете светски војни престојувале во Париз и оттаму извршиле големо влијание во развојот на модерната уметност. Во Париската школа спаѓаат уметници од различни стилски правци како: фовизам, кубизам, надреализам, како и претставници на енформелот.
Оваа школа и уметноста на Париз вршат големо влијание врз лицето и развојот на македонскиот модернизам и уметноста од почетокот, па сè до средината на 20-от век, бидејќи македонските современи уметници оделе во Париз на специјализации и студиски престои, со цел да ги усовршат академските поуки стекнати во регионалните Универзитети и Академии за ликовни уметности.
Тука спаѓаат, пред сè, основоположниците на македонската современа уметност: Димитар Пандилов Аврамовски, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски, со директни или индиректни влијанија врз импресионизмот; кај првиот преку делата на Клод Моне, потоа фовизам и кубизам кај Личеноски или експресионизмот во делата на Никола Мартиноски.
И кај втората и третата генерација македонски едуцирани уметници се чувствува влијанието на Париз преку фовизмот кај Томо Владимирски и Борислав Траиковски, нео-импресионизмот и сезанизмот на Борко Лазески, надреализмот кај Спасе Куновски, кубизмот кај Димитар Кондовски, итн.
Во еден вака мал, селектиран, а концизен концепт и презентација, ќе се претстават најрепрезентативните дела од колекцијата на Националната галерија на Северна Македонија, а воедно и ќе се даде пресек на самиот развој на модернизмот во македонската уметност од почетокот на 20-от век и преодот од фреско-живопис и иконопис, кон уметност на световни мотиви.

Ана Франговска, Виш кустос