МЕДИА Деск МК на 12-ти и 13-ти ноември, во рамките на 17-от филмски фестивал „Синедејс“, иницира и организира Форум кој за прв пат на едно место ќе собере 12 филмски фестивали од Македонија.

На Форумот ќе учествуваат директорите на: ИФФК Браќа Манаки, Скопски филмски фестивал, Синедејс, Македокс, ЕХО фестивал на планински филм, Анимакс Скопје Фест, Интернационалните филмски фестивал ОДА-Тетово, Меѓународен фестивал на етнолошкиот документарен филм, Филмски фестивал за млади Џифони Македонија, Киненова, Истражувачки филмски фестивал и Бич филм фестивал.

„Целта на оваа иницијатива е да се даде детален поглед во минатото и перспективите и да се отворат прашањата за тоа дали има начини да ја оствариме целосно визијата на еден фестивал? Дали треба публиката да ја бараме или таа да нѐ бара нас? Може ли секој сам? Можеби можеме и заедно? Како изгледа фестивал поддржан од Креативна Европа МЕДИА? Што сѐ може да значи меѓуфестивалска соработка? Дел од сесиите на Форумот ќе ги водат: Сунчица Уневска, селектор на домашни и меѓународни фестивали, член на фестивалски жирија, член на ФИПРЕСЦИ, Дарко Булдиоски, специјалист за дигитален маркетинг, Татјана Ќурчинска Пепељугоска – претставник на Еуроимаж за Македонија, модератор ќе биде новинарката Ана Василевска“, соопштија организаторите.

На покана на МЕДИА Деск МК на Форумот ќе учестуваат и директорите на три европски фестивали поддржани од програмата Креативна Европа МЕДИА: Интеранационалниот филмски фестивал Копенхаген, Интернационалниот фестивал на краток и анимиран филм Мекал, Браселона и фестивалот на Нордиски филм Лубек од Германија.

Форумот е втор настан од серијата настани „Крупен план“ инициранри од МЕДИА Деск МК чија цел е одблизу да се спојуваат различни професионалци од аудиовизуелниот сектор, разменувајќи искуства и решенија за конкретни проблеми.

Извор:

https://makfax.com.mk/kultura/%d1%84%d0%be%d1%80%d1%83%d0%bc-%d0%ba%d1%80%d1%83%d0%bf%d0%b5%d0%bd-%d0%bf%d0%bb%d0%b0%d0%bd-%d0%bd%d0%b0-%d1%84%d0%b8%d0%bb%d0%bc%d1%81%d0%ba%d0%b8%d1%82%d0%b5-%d1%84%d0%b5%d1%81%d1%82%d0%b8/