На  13 септември 2018 година (четврток), во 20 часот, вo Домот на културата Илинден vo Демир Хисар ќе биде отворена изложба на циклусот фотографии насловен „Има една земја’ нa визуелниот уметник Стефан Шашков, во рамките на манифестацијата Демир Хисар – град на културата во 2018.

Да се работи со светлината а притоа да се отелотвори мигот во визуелна прикаска (колоритна предметност) пред окото на гледачот е уметност на фотографијата. Иако може да прозвучи романтичарски фотографот е цртач со светлина, всушност тоа е значењето на терминот фотографија.


Фотографија зад себе има долгогодишна историја, со нејзините први почетоци како алатка за документирање на реалоноста таа постепено ќе се развива добивајќи нови аспекти и вредности. Од моментот на нејзиното пронаоѓање кога нејзината употреба се сведува на документација, брза и прецизна таа постепено постанува средство за зачувување на интимните мигови на човекот на неговите радости како и на неговите таги.
Иако голем број на уметници во 19-от век ќе гледаат на фотографијата како на еден вид ривал на сликарството (со оглед на тоа што на некој начин ќе му ја олесни работата на сликарството во портретниот жанр или пак во историското сликарство) за што говори и изреката на францускиот сликар од 19 век Пол Деларош кој во 1839 година после средбата со првиот дагеротип ќе извика: „Од денес сликарството е мртво“, сепак на голем број уметници од тој период како  Делакроа и Енгр фасцинирани од придобивките кои фотографијата ќе ги нуди ќе им постане составен дел во нивната работа. Со појавата на фотографијата доаѓа и до пресвртница во уметноста. Таа со развојот на уметноста и со појавата на постмодернизмот ќе добие сосема нови вредности.


За уметничка се смета фотографијата која е настаната во согласност со внатрешното доживување на уметникот-фотограф, каде тој преку фотографијата ја изразува својата лична перцепција и својата интимна природа. Ова интимно својство ја прави уметничката фотографија различна од репрезентативната фотографија на фотожурналистиката која што дава документарна слика на специфични теми и настани кои главно ја прикажуваат објективната страна на реалноста и комерцијалната фотографија чија главна цел е да рекламира производи и услуги.


Како и во ликовната уметноста така и во фотографијата не секогаш е значаен приказот на темата колку што е значаен моментот на отелотворување на истата. Играта на боите, светлото и сенката се елементи кои бараат од уметникот-фотограф умешност и брзина во “запишување” на она што окото во зададениот момент го восприема. За тоа говори и исказот на фотографот Елиот Ервит кој воедно ќе рече: „Фотографијата е уметност на набљудување - односно да се пронајде нешто интересно на сосема обично место. Таа не се однесува на работите кои ги гледаме туку на начинот како ги гледаме истите“. Следствено на тоа постојат два пристапи во креирањето на уметничкото дело, еден е оној кој го прикажува, односно во целост поддражава предметот на обработка, додека пак другиот е оној  кој од предметот на виделина ги вади неговите есенцијални својства.


За Шашков може да се рече дека работи на вториот начин, неговата фотографија  е повеќе наклонета кон откривање на она што се наоѓа внатре во формата (во сржта на кадрираниот објект). Таа есенцијална состојба од неговите фотографии продира во преден план и ја надвладува целокупната композиција. Неговите фотографии ткаени со светлина, ја ослободиле суптилноста да трага по вечното, да го согледа минливото и да го соедини менливото со миговното. Оваа интимна игра на постоењето како да постанала негова преокупација која го следи во сите фази од неговото уметничко творештво. За серијата фотографии насловени „Има една земја“ може слодобно да се рече дека го надминуваат медиумот во кој се создадени, наликувајќи на прв поглед повеќе на пастелни слики на сликарите импресионисти отколку на фотографии. Движењето, колоритот, луминозноста како и треперењето во самите композиции,ги прави овие фотографии импресионистички по својата природа. Во нив се слуша музицирањето на штурците, свирењето на ветерот, се чувствува топлото летно сонце, студот на зимата, се восприема осаменоста, истрајноста и постојаноста. Таа лиричност во неговите дела испреплетена со синаестезија ги прави овие фотографии растреперена колоритна поезија.
На изложбата се прикажани 50 фотографии работени во околината на Демир Хисар. Тематската определба варира и се состои од претстави на цветови и амбиентални пејзaжи претставени во различни годишни периоди. Во неговите зимски пејзажи Шашков визуелизира суптилни предели кои го надминуваат материјалното и преминуваат во некакви слики-симболи за некое друго паралелно постоење. Пејзажите обвиени во магла на осаменост како да постојат некаде помеѓу ова овде и тоа таму, како остров кој постои самостојно помеѓу други две постоења. Разлеаните магли и завиените влажни патишта иако реални мигови во зададена временска рамка кога биле фотографирани, сега како замрзнaт фрагмент на едно време, го надминуваат своето реално постоење и постануваат предмет кој евоцира доживувања кај гледачот воведувајќи го во сферата на надреалното и мистичното.
Композициите со тематика на цветови, спонтано фотографирани го отсликуваат  демирхисарското поднебје кое со својата колоритност го пленува вниманието на уметникот. Токму тие навидум обични цветови, кои сите ние секојдневно ги одминуваме без притоа да ја забележиме нивната маѓичност, ќе постанат предмет на обработка во овој циклус фотографии на Шашков.

Автор на текстот е М-р Јасмина Котевска

So po~it,

Kolektiv 0