29/10/2017 - 11:20 Вести, Култура

Фестивалот на европската книжевност „BookStar“ најавувува два специјални настана на годинашното издание на Фестивалот, кои ќе се одржат утре, 30 октомври, во Кино Култура. Синоќа пак во рамки на „Букстар“ во МКЦ се одржа промоцијата на книгата „Нема друга“ на Јела Кречич, на кој беше присутен и нејзиниот сопруг, познатиот философ Славој Жижек.

Во понеделник, во 20 часот ќе започне книжевната маса „Hold Me, Thrill Me, Kiss Me, Kill Me“ на тема „ограничувањата и предностите на жанровската литература“. Модератор на дебатата ќе биде Владимир Јанковски, а ќе учествуваат гостинот од Шведска Хокан Несер, како и Македонците Елизабета Шелева, Влада Урошевиќ и Калина Малеска.

Во историјата на книжевноста, поточно во валоризацијата на книжевните дела, веќе одамна е напуштена идејата за големата разлика меѓу т.н. високи и ниски книжевни жанрови, т.е. жанрови што имаат високи уметнички дострели и жанрови што служат само за забава, т.е. се дел од популарната култура. Во рамките на разговорот ќе бидат отворени овие прашања – како одредена литература што припаѓа на еден строго одреден жанр станува литература што ги надминува капацитетите и можностите на жанрот; дали жанрот ограничува или дава слобода; можеме ли да зборуваме за жанрови во денешната ситуација со литературната сцена; како жанрот е поставен во контекст на пулп-литературата; дали издавачките стратегии на ставањето на книгите во одредена рамка, маркетиншка ниша, негативно влијаат врз литературата…

Веднаш по дискусијата, со почеток во 21 часот, ќе бидат прикажани филмовите „Четврток“, „Пред дождот“, „Крајот на времето“ и „Бикини мун“ (најава) од македонскиот уметнички маг Милчо Манчевски. Фестивалскиот слоган „Читај бе, братучед, читај!“ всушност е адаптација на една од најлегендарните реплики на филм токму од Манчевски.

Следниот ден, на 31 октомври, најпрво во Книжарницата „Антолог“ на ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 31 во 11 часот ќе се одржи програмската активност „На кафе со Хокан Несер“, а од 20 часот во Клуб ресторанот МКЦ ќе се одржи и промоција на неговата книга „Во окото на свеста“.

Вчера пак во МКЦ се одржа промоцијата на книгата „Нема друга“, прв роман на словенечката новинарка Јела Кречич. Таа е сопруга на влијателниот философ Славој Жижек, кој ја придружуваше на промоцијата во Скопје, на задоволство на неговите фанови.

Славој Жижек за процесот на пишување на книгата од неговата трета сопруга има изјавено: „Морам да признаам дека ’Нема друга‘ ме преплаши. Јас сум жртвата при пишувањето на оваа книга. Сега зборувам како претставник на работничката класа. Додека жена ми ја пишуваше својата книга во вечерните часови, јас имав други задачи: јас морав да цедам портокали за да има свеж сок, да ги мијам садовите, да правам чај и така натаму и така натаму…“

Извор:

http://www.radiomof.mk/bukstar-vchera-zhizhek-vo-mkc-utre-internacionalna-knizhevna-masa-i-filmovi-na-milcho-manchevski/