Во Галерија Миејска (City Gallery) во Вроцлав, Полска, на 19 октмоври 2017 година (четврток), во 18 часот ќе се отвори изложба на Александар Станкоски со наслов Слаткарница Европа. Куратор на изложбата е Горанчо Ѓорѓиевски, асоработници се Кашја Јозвиак и Горан Путица.

Излобата се реализира и организира по покана на Галерија Миејска (Градска Галерија) од Вроцлав, и истата е потпомогната од Министерството за култура на Република МАкедонија.

Како и досега, во творештово на Ацо Станкоски е присутна постојаната дихотомија и испреплетување меѓу фигуративното и апстрактното сликарство и, гледано од ликовен аспект, не е возможна стилска систематизација од еден историчар на уметноста, туку само перцепирање на идејната подлога, што отвора и полемика за можен идеен концепт со идеолошки и политички размери во двојбата во однос на класицистичкото претставување во уметноста на десноориентираните политички сфаќања и модернистичкото сфаќање на левичарската политичка ориентација за претставата на уметноста...

Смелоста што Ацо Станкоски ни ја покажува со своето сликарство е резултат на потребата за визуелизирање на спознанието/знаењето (knowledge, episteme), неговата постојана воља, насоченост и намера за стекнување и толкување на сознанието и изведба на спознанието во специфичните контексти на уметноста. Концептот на изложбата има епистемолошки карактер, еден вид теоретизација на знаењето за уметноста и за начините на кои знаењето "за" и "во" уметноста се изведува во конкретни материјални услови и околности, т.е. анализа и алегориска претстава на теоријата за уметноста како непресушната ликовна тема.

Модерниот свет своите придобивки ги остварува со технолошкиот развој и, пред сè, со комуникациските мрежи кои преку медиумите и информатичкото општество го достигнаа својот врв во денешнината и се неопходни за развојот како на општеството, така и на единката како интегрален дел од тој систем. Глобализацијата и машинериите за промена на свеста преку медиумската информација и рекламата креираат нов поредок во кој единката тивко се отуѓува и го губи својот идентитет. Всушност, актуелната состојба на индустријализација и технологизација на модерното општество и воспоставуање модерни институционални мрежи е момент на социолошко распаѓање, т.е. дезинтеграција, при што се поништуваат сите врски што водат кон нарушување на целината...

Ацо Станкоски, како сведок на актуелните случувања и ситуации, ја гради својата естетска стратегија на демистификација на овие општествени феномени. Тој ги коментира рецентните општествени, политички и културни превирања како на локално, така и на глобално ниво. Во контекст на неговиот интерес за креирање синтеза на историските уметнички правци и за реакција на општествено-политичките идеологии од далечното и блиското минато, иронично и интеррогативно, понекогаш и саркастично реагира со транспонирање и редефинирање на актуелните состојби, при што го соголува системот во кој главен збор водат организации на водечките светски сили што под превезот на “подобрување на животната средина” го преструктуираат глобалниот поредок, сè заради зачувување на сопствениот интерес.

При дефинирањето на ликовниот јазик што Станкоски го користи во реализацијата на своите дела, може да се каже дека е визуелен номад, спојувајќи повеќе сликарски техники и медиуми (сликарство, цртеж, графика, колаж, фотографија, плакат, стрип, инсталација, перформанс, видео, филм...), така што секој елемент е во функција на флуидност во креирањето на делото. Во отсликувањето на визулените прикази и приказни, но и приказ(н)и што освен наративниот заплет поседуваат и пластични прочистени сентенции од реалноста, структуирани во надреални секвенции, говорат за менталната линија на опредметувањето на континуитетот и на реалитетот...

...Ацо Станкоски со своето творештво ни ги предочува сиот апсурд на овој свет, но и неопходноста на човекот да го консумира апсурдот во борбата за преживување и опстанок...