Ни претставува чест и задоволство да ве информираме дека на 15.08.2017 година, вторник, ќе започне традиционалната 28 меѓународна ликовна колонија Галичник, која ќе се одржи во прекрасниот Галичник.

На колонијата ќе земат учество 8 уметници и тоа: Светлана Волиќ од Србија, Симон Далеманс – Белгија, Фидан Бејтулаху од Косово, Јулиа Хопкинс – Велика Британија, Рената Папишта – Босна и Херцеговина, Рок Богатај - Словенија и Ана Јовановска и Ангел Миов од Македонија.

Колонијата продолжува со своите зацртани прерогативи, а тоа се квалитет во изборот на уметниците и уникатност во поглед на идејната структурираност, па оттука веќе осма година колонијата се движи во правец на дигиталните медиуми и медиа уметностите, па генерално поканетите уметници се занимаваат со фотографија, видео, инсталација, дигитална графика, звук, перформанс и слично. Поканетите автори се автори чија уметничка кариера е веќе успешно одбележана или пак е во сигурен успон, следејќи по бројот и имињата на изложбите на кои зеле учество индивидуално или како селектирани претставници на своите земји на групни меѓународни претставувања, а голем број од нив се занимаваат и со едукативна дејност. Изборот на дигиталната медиумска стратиграфија, а секако и секогаш примарниот аспект на внимателен избор на афирмирани уметници, ја чини оваа колонија единствена, посебна и препознатлива во Македонија, па и регионот.

Колонијата ќе трае до 22 август, а покрај престојот и работата во ова прекрасно и живописно место кое со својата богата историја, традиција и природна убавина секако ќе изврши некакво влијание врз оформените уметници, авторите ќе имаат можност да посетат и некои од околните села, да ги видат прекрасните водопади во Ростуше, да го видат манастирот Св. Јован Бигорски, а секако и ќе се организира еднодневна посета на нашиот бисер - градот Охрид, со едни од најубавите манастири и цркви на Балканот и пошироко.


Со почит,

Ана Франговска
Претседател на колонијата