Во Македонија по повод Денот на победата над фашизмот Амбасадата на Руската Федерација во Скопје организира низа настани во целата земја.

 


На 6 мај, од 18 до 21 часот во рамките на манифестацијата „Бесмртниот полк“ во Скопје на плоштад Македонија ќе биде поставен „Ѕидот на сеќавањето“. На 7 мај  во Битола ќе се одржи свечен концерт на руските сонародници „Еден ден на Војната“.

На 9 мај Амбасадата организира полагање венци кон споменикот на загинатите партизани на хидроцентралата Матка во Скопје. Истиот ден во 19 часот во Кинотеката на Македонија ќе се одржи свечено отварање на Неделата на рускиот филм. Проекциите ќе трааат од 9 до 13 мај.

„Бесмртен полк“ е доброволна граѓанска иницијатива која има за цел во секое семејство да бидат зачувани сеќавањата на генерацијата која го победила фашизмот. За првпат, акцијата „Бесмртен полк“ беше одржана во Томск на 9 мај 2012 година. Тогаш, во поворката на „Бесмртниот полк“ учествуваа повеќе од шест илјади жители на овој сибирски град со речиси две илјади портрети на членовите на нивните семејства, некогашни учесници на Големата Татковинска војна. Ова волонтерско движење почнува да добива национален, но и меѓународен карактер. Така, на 9 мај 2013 година, акцијата „Бесмртен полк“ опфати повеќе од 120 градови и села на Русија, Белорусија, Украина, Казахстан и Киргистан, обединувајќи 180 илјади луѓе од најразлични националности, а во 2014 кон ова движење се приклучија веќе над половина милион учесници. Во 2015 година, „Бесмртниот полк“ се претвори во еден од клучните настани во рамките на прославата на 70-годишнината на победата.

Тогаш, на 9 мај, во оваа благородна акција учествуваа околу 12 милиони луѓе во повеќе од 20 земји ширум светот, вклучувајќи ги САД, Германија, Австрија, Австралија, Норвешка, Франција, Ирска, Чешка, Јужна Кореја. Во 2016 година на Денот на победата повеќе милиони луѓе од над 50 земји ширум светот му се придружија на „Бесмртниот полк“ и на тој начин им оддадоа почит и се заблагодарија на своите најблиски, роднини и сите ветерани кои се бореле против фашизмот за време на Втората светска војна.

Официјалното лого на акцијата – жеравот кој полетува кон небото со петокрака во позадината – е креација на уметникот од Барнаул А. Шелепов, создадена според уметничкиот лик преземен од познатата советска воена песна „Жерави“, посветена на паднатите борци во Големата татковинска војна.

Оваа година на настанот се планира на плоштадот во центарот на Скопје да се постави „Ѕид на сеќавање“ на кој ќе бидат отсликани портрети на учесници на антифашистичкото движење. Секој човек без разлика на државјанство и верска припадност може да дојде на плоштадот на 6 мај во 18 часот и да го закачи портретот на својот херој на „Ѕидот на сеќавање“ на лице место.

Извор: http://www.mkd.mk/makedonija/skopje/po-povod-denot-na-pobedata-nad-fashizmot-besmrten-polk-i-vo-skopje