На 17-ти март (петок) во 13:00 часот во хотел „Аполонија“ во Гевгелија ќе биде промовирана поетската книга „In Nomine“ од Стефан Марковски.Збирката е дел од едицијата „Ѓерѓеф“ на издавачката куќа „Македонска реч“ од Скопје и вклучува четириесет и една песна.
Кон оваа трета стихозбирка на Стефан Марковски, рецензентот и промотор Ефтим Клетников во својот осврт забележи: „Во ’Ин Номине‘ Стефан Марковски не ја следи главната поетичка структура на неговата генерација, во која доминира иронијата како основна стилска фигура и светоглед на реалноста. Напротив, тој е склон кон чисто лирскиот асоцијативен тип поезија.
Нему, пред сѐ, му е битен, како што би рекол Карлајл, метафизичкиот квалитет на песната, на кого во европската модерна посебно инсистираа симболистите.“Стилот на Марковски, вели Клетников, преку збиени метафори инклинира кон еден симболистички, сугестибилен, малермеовски тип на израз (нештата да се сугерираат, а да не се именуваат), но не на класичен, кристализиран поетички начин. Тоа, пак, кај Марковски, значи создавање поезија на еден вид онтолошка атмосфера на затемнетост и мистерија во која поетските слики се, исто така, затемнети и се раствораат во емотивни и музикални ефекти. Такви, тие се езотерични, лизгави и одвај дофатливи.
Поетот е, вели Клетников, аргонаут кој пребарува низ своето битие и во неговите длабочини го бара златното руно на своето јаство. Тоа се неговите сугестивни стихови, кои ни откриваат еден навистина оригинален и драгоцен поет во современата македонска поезија.