Гостувањето на прочуениот виолинист Џулијан Рахлин е по повод еден од најголемите христијански празници Божик, а концертот ќе се одржи во Македонската опера и балет, на 7 јануари 2017 година, во 12.30 часот, каде Македонската филхармонија ќе го одржи Божикниот концерт.

Славниот Џулијан Рахлин и оркестарот на Македонската филхармонија ќе изведат виенски маршеви, романтични увертири, популарни танци, љубовни теми, дела од Росини, Чајковски, Штраус, Глинка, Годовски, Крајслер.

„Многу сме среќни што конечно во Скопје ќе гостува еден од најславните виолинисти на денешницата, почитуваниот Џулијан Рахлин“, вели директорката на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ.„За нас е тоа огромна чест, затоа што Рахлин е еден од ретките виртуози, уметник кој настапува со сите престижни оркестри и славни диригенти во светот.

Особено е значајно што со оркестарот на Македонската филхармонија ќе се претстави и како диригент, во двојна улога, а тоа се повеќе го практикува на своите концертни настапи. И она што нам најмногу не радува, е што овој мајстор на виолината гостува на ексклузивен концерт кој е посветен на еден од најголемите христијански празници - Божик, денот на Христовото раѓање. Празник кој сите оние кои што го прославуваат можат да го одбележат и на ваков начин - со убав концерт, да слушнат врвна изведба, да видат голем уметник и да уживаат во пригодна програма“, вели Чанаќевиќ.

Џулијан Рахлин е еден од највозбудливите и најпочитуваните виолинисти на нашето време. Во последните 27 години, тој ја маѓепсува публиката низ целиот свет со неговиот исклучително богат звук, беспрекорна изведба и маестрални интерпретации, соработувајќи со најпрестижните диригенти и оркестри. Неговата желба да ги проширува сопствените музички хоризонти, ќе го одведе Рахлин и во сферата на диригирањето, а чести ќе станат и неговите изведби на виола.

Критиките се секогаш на негова страна. Славниот диригент Марис Јансон ќе каже: „Џулијан ја чувствува музиката од длабочината на срцето“, додека маестро Зубин Мехта ќе изјави: „Тој е мошне дарежлива личност во животот и во музиката и тоа силно се чувствува додека свири“.

Билетите за концертот се продаваат на билетарата во Дом на АРМ, секој ден од 10 до 16 часот, по цена од 900, 1200 и 1500 денари. Инаку, билетарата во Дом на АРМ ќе работи и на 3, 4, 5 и 6 јануари од 10 до 15 часот, додека на денот на концертот билетите ќе можат да се купат на билетарата во МОБ. Билетите можат да се набават и онлајн на веб-страницата на МКтикетс.

Извор: http://www.mkd.mk/kultura/muzika/virtuozot-dzhulijan-rahlin-na-7-januari-kje-nastapi-so-makedonskata-filharmonija