Во Националната галерија на Македонија, на 1 декември 2016 година (четврток), со почеток од 19:30 часот ќе биде отворена групната изложба “Конекција 2”. На оваа изложба со свои ликовни дела ќе се претстават авторите кои се од различни градови на Македонија: Зоран Мише (Охрид), Павел Целкоски (Охрид), Горан Тричковски (Делчево), Перица Георгиев (Скопје), Марјан Ѕин (Струмица), Иво Пецов (Виница), Слободан Милошески (Скопје), Маријана Иванова (Виница), Јана Луловска (Скопје) и Јовица Миленов (Делчево). Изложбата вклучува дела од различни ликовни области - графика, сликарство, вајарство, плакат и фотографија.

Да се биде дел од современото културно живеење, значи да се биде дел од едно ново глобално поврзување и комуницирање, предизвикано пред се’ од развојот на новите технологии и начини за комуницирање. Да се биде поврзан, да се биде “конектиран и онлајн” денес е неопходен услов да се биде видлив, препознаен, успешен. Во сите области на културата и уметноста, во ликовните уметности посебно, поврзувањето, вмрежувањето, вештината на комуницирањето е подеднакво важна, колку што е важно делото на авторот, неговата содржина и порака. На светот и човештвото воопшто, никогаш поважна и поургентна не му била нужноста, од поврзувањето и културното комуницирање на автори и творци од културата, кои културата ја разбираат како благородна и најдобра мисија за креирање на подобар живот. Една од најважните димензии од дефинициите за културата и уметноста е токму оваа, тие заедно можат да го менуваат и светот и векот, кон подобро.

Концептот “Конекција 2” се појави со иницијативата на директорот на Културно-информативниот центар на Р. Македонија во Софија, Васко Шутаров и наиде на позитивен прием од ликовните уметници кои се наоѓаа во Софија и изразија спремност да соработуваат со нашиот културен Центар. Беа претставени повеќе групни изложби во различен авторски состав во бугарските градови: Велико Трново, Благоевград, Русе, Пловдив, Стара Загора, Созопол, Харманли и во Софија.

Со изложбата во Мала станица, групата автори од “Конекција 2” кои живеат, работат или студираат во Софија се претставуват пред домашната публика, за да ги зацврстат и продлабичат своите контакти со колегите и публиката во Скопје.

Со почит,

Национална галерија на Македонија