На 25-ти февруари (четврток) во 21:00 часот во МКЦ ќе се оддржи промоција на книгата „Продавачот на ветар и магла и други приказни“, збирка раскази од Стефан Марковски.


За збирката на Марковски, Р. Кошка ќе напише: „Со дискретен хумор внимателно избалансиран со придушена меланхолија, авторот од навидум реални настани од секојдневието, преку оригинална наративна техника незабележливо преминува кон сложено метафорично заокружување на расказот“.


За „Продавачот на ветар и магла и други приказни“ Марковски е добитник на наградата „Македонска книжевна авангарда“ на Издавачката куќа „Феникс“ и Фондацијата „Македонија Презент“ во 2015-та.


Стефан Марковски (1990) е македонски писател, поет и филозоф, автор на книгите: „Еднонасочно“ (роман, 2009), „Апеирон“ (поезија, 2010), „За некои спомени на онаа некогашност“ (поезија, 2010), „Хиерархиска еволуција на свеста“ (Психологија и теорија на ум, 2012), „Мета(де)конструкција и општа филозофија“ (Филозофија, 2012), „Среќата е глагол“ (Психологија и филозофија, 2013), „Продавачот на ветар и магла и други приказни“ (Раскази и драмски текст, 2015), „In Nomine“ (поезија, 2016).


Дипломирал на Катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот Факултет „Блаже Конески“ и е апсолвент на Институтот за Филозофија на Филозофскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.


Марковски е актуелен постдипломец на Факултетот за Драмски Уметности – насока Филмско и ТВ сценарио.


Член е на Друштвото на писатели на Македонија.