Во организација на Националната галерија на Македонија, на 9  октомври 2015 година (петок) во 18 часот ќе се отвори изложба на  Ацо Таневски со наслов  Додекоманија  во Македонскиот културен центар (или Gallery MC) во Њујорк, САД

Кустос, Горанчо Ѓоргиев

Со почит,

Национална галерија на Македонија

===

И додека Ацо Таневски во своето досегашно уметничко делување твореше во чисто ликовни и понекогаш во некласични ликовни идејни концепти, со Додекоманија креира концептуализиран и промислен интермедијален творечки проект, спој на ликовниот и поетскиот израз, блиска средба помеѓу сликата и песната, спој на два уметнички јазика, контекстуалности/текстуалности, знаковности и семантички пракси.
Додекоманија обединува на едно место четириесетина песни и исто толку визуелни претстави - колажи. Во друг контекст ликовниот елемент би бил илустрација на поетскиот запис, но овде овие два медиуми се перцепираат секој одделно, то ест се надополнуваат, затоа што претставуваат заокружени и лично одбележани целини, но воедно би можеле и да се читаат и како деликатни, симболични и културолошки кодирани паралелности. Можеби и самата поезија инспирирана од секојдневието на авторот, во својот зародиш го содржи ликовниот елемент, кој Таневски го претвора во слика. Бар кодот кој е присутен во сите дела, е новоисториската приказна за нумерирањето како на продуктите, така и на човекот и е израз на авторовиот протест против дехуманизацијата на човекот, праќајки порака дека човекот не е бројка, туку личност со име и презиме...
И одеднаш без никаква особена причина, Таневски со ова изложба ја вообликува потребата од нови облици на творечко изразување и создава нов ликовно-поетски артефакт - флуид меѓу сликата и поезијата и во случајот ова не е дијалог помеѓу два уметнички медиуми, туку авторов монолог во кој се раѓа еден трет интермедијален, интертекстуален и уметнички свет и јазик на изразување.


Горанчо Ѓорѓиевски