7 август 2015 година, Скопје, Македонија - Светскиот Македонски Конгрес (СМК) своето јубилејно Дваесет и петто годишно Генерално Собрание ќе го одржи на 9 август 2015 година (недела) со почеток во 10.30 часот во големата сала на Советот на Град Скопје.
 
Се очекува Генералното Собрание на СМК да го одбележи јубилејот 25 години од возобновувањето на СМК, формиран во 1899 година во Женева, Швајцарија и да донесе Резолуција за Македонија: За одбрана на името на државата и идентитетот на нацијата; Безусловен  крај на разговорите за името на државата и продолжување на членството во Обединетите Нации и во сите меѓународни организации под единственото историско име Македонија; Унапредување на положбата и правата на Македонците во соседните земји на Македонија; геноцидот врз Македонскиот народ; Враќање на правото за прием во македонско државјанство за сите Македонци по потекло во светот, и Враќањето на државјанствата, граѓанските, имотните и наследните права на насилно прогонетите Македонци од Егејскиот дел на Македонија од Балканските војни 1912-1913 и Граѓанската војна во грција 1946-1949 година. Истовремено, 25. Генерално Собрание на СМК ќе упати барање до претседателите, владите и парламентите на Австралија, Израел и земјите членки на ЕУ и НАТО, да ја признаат државноста на Македонија под единственото историско име Македонија!
 
Генералното Собрание ќе донесе резолуции и за политичката криза во Македонија и за илегалните мигранти од Блискиот Исток, Африка и Азија во Македонија.
 
На 25. Генерално Собрание на СМК ќе учествуваат пратеници од македонски организации од сите делови на Македонија и од целиот свет.
 
Пристигнувањето на пратениците и поднесувањето на пријавите за учество на Генералното Собрание на СМК е од 9.00 до 10.00 часот на 9 август 2015 година во големата сала на Град Скопје.
 
 

СМК на 10 август 2015 година (понеделник) во 10.30 часот ќе го одбележи Светскиот ден за семакедонско помирување и обединување со панихида за сите знајни и незнајни јунаци и борци за слободата и државноста на Македонија и полагање свежо цвеќе на гробот на великанот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев во црквата “Свети Спас“ до Скопското Кале.