„Сведоци (Канада)“ на Атанас Чупоски во Загреб

Долгометражниот документарен филм „Сведоци (Канада)“, реализиран во продукција на Кинотеката на Македонија во 2014 г., по сценарио и во режија на м-р Атанас Чупоски, виш филмолог во Кинотеката, во петок (24 април) ќе биде прикажан во Загреб, Република Хрватска, на „Трибини на Град Загреб“, во организација на Советот на македонското национално малцинство за Град Загреб.

Двочасовниот компилациски анкетно-биографски документарен филм на историска тема ја раскажува приказната за протерувањето на Македонците од Егејска Македонија, овој пат видена низ очите на македонската емиграција во Канада. Во филмот дефилираат повеќе од седумдесетина соговорници, што го прави раритетен во македонската филмска продукција. Минатата година филмот имаше успешна проекција на Македонскиот филмски фестивал во Торонто. Реализиран e од интервјуата снимени во Канада во 2011 г., во рамките на владиниот проект со кој раководи Кинотека на Македонија: „Евидентирање, фотографирање, снимање и архивирање на видеоматеријали и разговори со Македонци протерани од Егејска Македонија во 20 век“.

По проекцијата, режисерот ќе одговара на прашања од публиката, а предавање ќе одржи доц. д-р Теон Џинго од Балканолошкото одделение при Институтот за национална историја.