Во галеријата на Народна банка од вчера можат да се видат 20 уникатни фрагменти од 4 век од локалитетот Стоби

 

„Ранохристијанското ѕидно сликарство од епископската базилика во Стоби“ е насловот на изложбата која вчера беше отворена во галеријата на Народната банка, со што прв пат пред очите на јавноста е презентиран најстариот зачуван фрескоживопис во Македонија, кој воедно спаѓа меѓу најстарите во светот. Во една просторија се изложени заедно 20 уникатни фрагменти од 4 век, кои биле дел од внатрешните ѕидови на базиликата на археолошкиот локалитет, античкиот римски град Стоби.

Амбасадата на САД преку Амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство од посебната програма на Стејт департментот обезбеди 72.600 долари за нивно зачувување, а тие со помошта на САД беа конзервирани и делумно реставрирани.

Гувернерот Димитар Богов на отворањето на изложбата со голем пиетет говореше за презентираното богатство истакнувајќи дека со тоа Народната банка, по примерот на централните банки во светот се етаблира и како значаен трезор на нумизматичката културна оставнина на цивилизациите што егзистирале на оваа почва. Ја потенцираше огромната вредност на изложениот фрескоживопис посочувајќи дека историјата на уметноста истиот го смета за ексклузивитет од огромно значење.

„Народната банка е почестена од укажаната доверба да биде домаќин на оваа изложба, која, се надевам, во текот на следниот месец ќе претставува интригантен културен настан за пошироката јавност“, рече гувернерот.

Археолошкиот локалитет Стоби неколку години наназад систематски се истражува, а Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во своето обраќање ги информираше присутните дека на локалитетот се откриени остатоци од храмови и илјадници движни предмети и дека посебно богатство претставува изложениот фрескоживопис, кој ги красел ѕидовите на базиликата и крстилницата.

Ги потенцираше и фрагментите од подниот мозаик и прекрасниот мермерен кантарос кој исто така е дел од изложбата, а каде што во текот на 6 век се вршеле крштевања.

„Уште од времето на нивното откривање од американскиот професор, археологот Џејмс Вајсман во 1970-тите години, па се' до денес, со своето непроценливо значење овие фрески и нивните делови кои чудесно опстанале под пластовите на земјата одолевајќи му на времето цели 17 века, се предмет на научен интерес на многу македонски и странски истражувачи“, рече меѓу другото министерката за култура.

Американскиот амбасадор Пол Волерс во своето обраќање на англиски јазик, без превод на македонски, меѓу другото нагласи дека Стоби претставува пример за богатата историја и култура на Македонија, за чие зачувување Амбасадата на САД во Скопје обезбеди два гранта преку Американскиот фонд за заштита на културното наследство. Освен споменатиот, уште еден грант е користен за ископување на Римскиот форум во Стоби.

Присутните на отворањето кои ги имаше во голем број, вработени во Народната банка, археолози, главно претставници на културниот и општествениот живот, со голем интерес ги набљудуваа вредните експонати.

Меѓу вредните парчиња историја големо внимание привлекуваше изложениот кантарос од Крстилницата изработен од Пентеликејски мермер, во раниот 6 век, како и фрагментот на Христовиот монограм во венец, од таванската декорација на северниот кораб на Старата епископска базилика, датиран од втората половина на 4 век.

 Катерина Богоева