INBOX
Ѓорѓи Кочовски
СВЕЌИТЕ НА ДУШАТА
Детски џагор се слуша во храмот. Неколкуте дечиња трчаат околу луѓето, околу столбовите, околу родителите. Седнуваат на скалите од Владичиниот престол. Сакаат да одат надвор, сакаат да палат свеќи, сакаат да палат долу, не стигаат горе. Држат парички во рацете, ги целиваат иконите...
Повозрасните знаат каде се, помалите сè уште не знаат, или не покажуваат знаење, малите бебиња се најслатки, само се смеат, плачат или си ги носат цуцлите...
Некои луѓе ги советуваат да бидат мирни, родителите ги држат при нив, да не палават, некои ги опоменуваат родителите, некои само одмавнуваат со прстите, некои дури се екстремни во судот...
Свештеникот, не забележува. Ја води службата. И да забележува, знае дека тоа се само деца. Самите ќе осознаат кога ќе застанат мирни на беседите. Не расудува. Децата се радоста. И храмот и Светиите, Бог Семоќен ги примаат со радост. Темелот на Црквата се состои од нивните насмевки.
Нивните свеќи, се свеќите од душата. Не знаат како се прават, колку чинат, колку се големи, каква боја се, од каде се купени, дали ќе се накапат со восок, каде се ставаат, дали се претопуваат, дали биле две или три...
Тие ги носат од душата. Од нивните души чисти и ангелски.
Едно девојче со баба ѝ, трча да запали свеќа. Баба ѝ вели: „Не таму долу, горе треба...“
А девојчето вели: „Бабо, барем за Тоше да запалам...“
Кај луѓето кои слушнаа се појавија благи насмевки. Пак заради детето. Џагорот тивко си продолжува. Службата си тече. Молитвите виорат кон небото.
Заврши службата. Народот се поздравува и си заминува...
Гледам човек сака да влезе во блискиот маркет. Со страст ја трга цигарата, ја остава на ќошот од ѕидот и влегува во маркетот. Ја остава за кога ќе излезе. Една цигара. Малку понатаму две постари жени, со полни торби во рацете, разговараат на улица. Подолго време. И кога се оддалечив, сè уште разговараа.
Тие не беа во храмот. Не ги осудувам...
По молитвите на децата, да биде светот.
Какви се страстите? За што тежнееме? Што сакаме да дознаеме? КОЈ Е ВИСТИНАТА?
Потешко е да си некое време во храмот, отколку да стоиш товарен на патот зборувајќи со часови. Полесно се откажуваме од темјанот и молитвата, отколку од цигарата.
Душите да ги понесеме кон височините. Молитвите да ги вткаеме во килимот на небесата. Добрата мисла да ја споделиме со самите себеси, па потоа со целиот свет. Еден старец вели: „Јас имам чадор за целиот свет, само нека заврне“. Нека заврне од мудроста Господова. Нека полеат дождови и извори со Господова промисла. Неговата волја да ни ги излие свеќите на душите наши, та со тој жар да ги запалиме пред светлата на Оние пред чие лице ги ставаме. Со чистота.
Да бидеме децата во Христа. Да го имаме тој џагор постојано и постојано...
Што треба да постигнеме? Кон што тежнееме?
Најважно: КОЈ Е ВИСТИНАТА?
Вистината е Оној Кој Го бараме. Во сонот, во утрата, во ноќите. Оној Кој Го носиме во срцата, со радост и утеха. Оној Кој Го носиме во душите со милост и покајание.
Децата иако се мали, го знаат ова.
Свеќите на нашите души да горат со молитви за сите и за сè. За доброто. Да се молиме со мир и покајание. Исповеданието да ни биде секогаш пред очите. Секогаш во говорот.
Некаде направиле најголема свеќа. Ги запишале во некоја книга. Ги сликале во некоја телевизија. Ги објавиле во некој магазин. Некој спомнал за нив, некој ги видел.
Да нè види Господ.
Да ја запалиме најмалата свеќа со најголема љубов.
Најмалите, најскриените, најситните мисли во нашите умови да бидат исполнети со најголемото битие кон Христа. Секоја свеќа да ја носи милоста и светлината на Мајката Божја. Да се поклонуваме на Светиите со најмалиот видлив поклон, но со најголемиот приод во духот, та и тие така да нè претстават пред Господа, последни но искрени.
Да живееме како децата во храмот. Да трчаме и да Го бараме Господа.
Да седнеме на скалилата на молитвата, покајанието, добротата, смирението и утехата. Да се искачиме кон Бога со чисти срца и чисти души. Да работиме, да твориме за мир во животот. Да лиеме свеќи на светост во секоја нит и пронит од духот наш грешен. Да проштеваме и да ни се проштева.
Од светлината на тие свеќи, Господ да нè види и да нè помилува.
Нас последни.

Извор: ПРЕМИН  бр.75-76