Вера и капитал

Религијата беше опиум во комунизмот кога се воспоставуваше своевиден монотеизам без Бог. Денес е друго време


Во училиштата во Македонија децата учат за светските митологии, на Филозофскиот факултет во Скопје студентите учат за античките митови. Никој не прави проблем од тоа што античките митови се дел од образованието на младите во Македонија - се сметаат за дел од културата. Во јазикот се употребуваат изрази како Панодорина кутија, огнот на Прометеј, Сизифова работа, Танталови маки и знак на образованост и култура е да знаеш од каде доаѓаат овие изрази.

И познавањето на религијата може да биде дел од културата на секој човек. Зошто нашите деца да не ги знаат приказните за Каин и Абел, за Аврам, што значи Голгота, што значи во психологијата Пилатов синдром... Не верувам дека многумина би ги оспорувале ова.

Сепак, вистинското прашање е: зошто и религијата да не стане дел од културата на еден граѓанин во еден државен образовен систем?

Зошто па да стане? Често се слуша и чита последниве месеци.

Може да се најдат повеќе работи врзани за отпорот религијата да се изучува во училиштата.

Религиското образование не се поврзува со култура, туку се поистоветува со религија, се редуцира на една слика за религијата како назадна работа. Зад ваквиот отпор се кријат и комунистичкиот прогресивизам (во 21 век се влегува со мисии на Марс, а не со религија) и вулгарно либералното (или, да бидеме попрецизни - анархистичкото либертеријанско) толкување на новата демократија по 1991 година (никој не може да ми каже што да правам). Па така, веронауката е нешто примитивно што му се наметнува на ученикот и го вади од такт неговиот родител-прогресивист и либерален демократ. Ушто пострашно, религијата е опасна работа што може да го занесе младиот, да го однесе во манастир, да го одвои од стварниот живот.

Од каде вакво размислување? Уште е силна кај нашиот човек сликата за безобѕирниот капитал, кој гази се' пред себе, и религијата како илузија која ги држи работниците во незнаење. Оваа црно-бела слика на бесчувствителни капиталисти, кои мислат само на својот себичен интерес, од една страна, и експлоатирани работници, кои немаат ништо освен физичката сила и кои утехата ја имаат во религијата, од друга, е во многу нешта застарена.

Со политиката на Маргарет Тачер (која подоцна ја презеде и Тони Блер) со создадоа неколку милиони повеќе сопственици во Велика Британија. Тоа значи за толку се намалил бројот на работници кои од сопственост ја имаат само својата работна сила. Воопшто во светот, се' поголем е бројот на образовани и квалификувани работници, кои имаат куќи или станови во своја сопственост и акции во претпријатијата.

И во Македонија, и покрај несреќно изведената приватизација, илјадници луѓе станаа сопственици на своите станови, илјадници станаа акционери, илјадници допрва стануваат. Луѓето стануваат претприемачи и бизнисмени. Дали оваа нова класа сопственици, претприемачи и акционери тајно се договорила да ја воведат религијата во училиштата за да ја подготват новата класа на необразовани верници што ќе бидат поподатливи на експлоатација? Ова е глупаво и да се помисли.

Всушност, работите со верата стојат обратно. Верата и капиталот се поврзани, но на поинаков начин.

Американците се познати како акционери со традиција. Да се поседуваат акции е дел од американскиот начин на живот. А во исто време, во Америка веќе одамна се зборува за „постојаноста на религијата“ (persistence of religion), за САД како нација на верници (creedal nation).

Еве една интересна аргументација. Кој верува во живот по смртта, верува во начини на однесување што му ја даваат сигурноста („зголемуваат веројатноста“ е понаучниот израз) дека по смртта ќе оди во рајот. Овој начин на однесување може да има позитивно влијание врз продуктивноста и зголемување на приходите. Ова е теоријата на современите американски научници Роберт Баро и Рејчел Мек Клири. Баро е еден од најзначајните и највлијателни економисти од Харвард во Бостон, Мек Клири е политиколог кој подолго време ја истражува религијата. Нивниот краток заклучок е: религијата е добра за економијата. Добродетелите како трудољубивост, толеранција, гостољубивост и отвореност, чесност, доверба играат голема улога во економијата на една земја, подеднакво и во меѓународната трговија. Често се наведуваат како примери на економски успешни земји САД, Ирска, Сингапур. Притоа, важно е да се укаже дека ова се земји во кои религијата има важно место во општеството.

Според овие научници, религијата и економијата не се спротивставени.

Своевиден пример се Кинезите, кои својот силен економски раст го објаснуваат со успешниот спој на марксизмот во политиката, капитализмот во економијата и конфучијанизмот во меѓучовечките односи.

И да се вратиме на Американците. Најнови истражувања покажуваат дека Американците се поголеми работници од Европејците, поголеми патриоти, повеќе поминуваат време со децата и се помлада нација (затоа што имаат деца!) - и се убедливо поголеми верници од Европејците. А нивната економија, пак, е најсилна.

Религијата беше опиум во комунизмот кога се воспоставуваше своевиден монотеизам без Бог. Денес е друго време.

Бранислав Саркањац (Авторот е универзитетски професор)