Антиапостол

Кога човек ќе се задлабочи во Евангелските текстови, во кои се раскажува за Страдалната недела, може да забележи дека ликот на Исус зрачи со светлина, а образот на Јуда тоне во темнина. Откако зеде залак леб од раката на својот Учител, Јуда излезе. „Беше ноќ“ (Јован 13:30), во чија темнина неговиот лик станува непрепознатлив. Тешко е веднаш да се појми кој бил тој човек; во секој случај, богословите од сите времиња не настојувале да го извлечат тој лик од темнината, ограничувајќи се на констатирањето на самиот факт: тој е предавник.

Да го разберат овој човек се обидуваат и поетите. За Данте, на пример, тоа е најголемиот злосторник во историјата. Средновековната традиција, како Западната, така и Византиската и, воопшто, Источната, гледа во Јуда страшен престапник, своевиден антиапостол. Во Евангелието се вели дека во срцето на Јуда помислата да го предаде Исуса ја всадил ѓаволот (Јован 13:2), а потоа Сатаната „влегол“ во него (Лука 22:1; Јован 13:27). Пред сè, тоа значи дека, од гледна точка на евангелистите, неговата постапка е ирационална, зашто, според Библијата, дејството на Сатаната го обезличува човекот, ги прави неговите чекори немотивирани. Злото, воопшто, е ирационално, разрушувачко и необјасниво. Ако човек се наоѓа во власта на злото, одговорот на прашањето „зошто постапува така и така“, едноставно – не постои. Таква е библиската  концепција на злото.

* * *

Јуда не е орудие! Па сепак, тој го предал Исус. Зошто? Кои се неговите мотиви?
Но, тука се поставува и главното прашање: дали Јуда воопшто бил предавник? Како прво, Исус доброволно одел во смртта (в. Јован 10:17-18), „како што е напишано за Него“ (Матеј 26:24). Како второ – и тоа е мошне важно – Тој им бил добро познат на сите, а згора на тоа, не се ни обидувал да се крие. „Како на разбојник сте излегле со ножеви и колови, за да Ме фатите. Секој ден седев со вас, поучувајќи во храмот, и не Ме фативте“ (Матеј 26:55). Не постоела некаква особена потреба за предавство – и тоа е мошне важно. И без учеството на Јуда Исус исто така би бил фатен и распнат. Па сепак, Јуда нешто сторил. Што?

Постојат два вида предавници. Едните ноќе ги отвораат портите на градот за да влезе непријателската војска. Нивното предавство, макар што е со знак „минус“, сепак е – чин, постапка. Другите преминуваат на страната на навлезениот (без нива помош!) непријател, докажувајќи дека отсекогаш биле на нивна страна, за да се додворат на непријателот и да извлечат од новонастанатата ситуација макар и минимална полза. Предавство од таков вид е – знак на бескрајна слабост и на нешто мошне болно, но истовремено и бескрајно современо и карактеристично и за нашата епоха. Предавници од првиот вид денес речиси и нема, а од вториот ги има – колку сакаш!  

Јуда е – меѓу последните. Тој не го предава Учителот, туку самиот себе, своето учеништво, својата верност на Исус и на сите оние коишто се околу Него. Тој гледа како се одвива ситуацијата (четирите евангелисти раскажуваат дека архиереите одлучиле да го убијат Исус многу порано пред Јуда да дојде кај нив) и во одреден миг решава да ја искористи таа ситуација, да извлече од неа некаква полза. И тука веќе воопшто не е задолжително да се мисли дека тој е разочаран во Исуса. Воопшто не. Попрво, тој го сака исто како и дотогаш, тој е бескрајно далеку од идејата да го запре Исуса да постапи според Своето сценарио (Јуда ионака нема никакво сценарио!). И, конечно, тој воопшто не му се одмаздува на Исус затоа што Тој не бил агресивен и решителен, туку „кроток и смирен“. Не, и илјада пати не!  

Тој, едноставно, прави избор во своја полза – сфаќајќи дека веќе никој не може да Му помогне на Исус, но дека од настанатата ситуација може да се извлече некаква полза. Тој оди и добива пари, всушност сосема малку, зашто за таков вид предавство и не следува многу; се враќа кон самиот себе и разбира: „Згрешив, оти предадов невина крв“ (Матеј 27:4).

Јуда не е многу поголем предавник од Петра. Само што мотивите кај нив се различни. Петар се откажува од Исус од чисто биолошки и импулсивен страв, а Јуда – потчинувајќи ì се на пресметливоста, на користољубието, сметајќи дека тоа е разумно и за тој миг полезно. Тој е многу порационален одошто вообичаено се смета.

* * *

Токму затоа нему му станало одвратно да живее, зашто тој не го предал Исуса. Доколку Јуда навистина бил клучната фигура во миговите на апсењето на Исус, тој не би ја кренал раката врз себе, туку би се чувствувал победник. Но, тој никого не го предал – освен самиот себе. Тој едноставно се обидел да спечали нешто од Неговото апсење и од Неговата смрт, и затоа не смогнал сили – како Петар – да се расплаче горко и да ја изблуе од себеси својата слабост и својот страв – и да стане исти оној Петар, кого што ние го почитуваме две илјади години.

Јуда е еден од најблиските Исусови ученици, како и Петар. Тој е – еден од дванаесетмината, „оној што – како што вели Самиот Исус – ќе макне со Мене во чинијата“ (Матеј 26:23), односно учесник во Тајната вечера, оној на кого Исус, натопувајќи го, му го дал залакот (Јован 13:26). Патем кажано, на православниот Исток со зборот psomion (залак), кој стои на ова место во Евангелето, се означува осветен леб, кој се дава на верните како Тело Христово.

Тој, кој бил толку близок со Учителот ... Тој не е толку страшен и голем престапник во историјата на човештвото, како што смета Данте Алигиери, не е херој од трагичен роман, туку само обичен мал човек, кој не успеал да се справи со своите мали и ниски страсти. Тоа е Јуда Искариот. Но, токму тоа го прави неговото предавство особено страшно. Неговото име станало символ на најниското и најподлото, но во негова улога може да се најде секој од нас...

* * *

Уште Сергеј Булгаков го споредил Евангелието со икона на која е претставен Исус со Своите ученици. Но, во Евангелието Тој не е претставен со бои, туку со зборови. На оваа икона има место и за Јуда. Неговиот образ е напишан од евангелистите не затоа за да го мразиме и да го презираме (Евангелието не нè учи на тоа!). Тој стои некаде на крајот, во темнина, безмолвно, како сообраќаен знак, кој нè предупредува: „Не оди по оваа патека, по која јас пиминав. Не предавај го своето учеништво, мислејќи дека од тебе ионака ништо не зависи. Не предавај го своето учеништво, макар што некогаш тоа може да изгледа мошне едноставно.“


Свештеник Георгиј Чистјаков
Журнал „Новый Ковчег“, Но. 4-5, 2005. 

Подготви: д- р Драган Михајловиќ

 

 

 

Посети:{moshits}