Автор: Свеш. Александар Тефт

 

А стоејќи оддалеку, не смееше дури ни очите да ги подигне кон небото, туку се удираше во градите и велеше: „Боже биди милостив спрема мене грешниот!” (Лук. 18:13)

 


Дали би се гостеле со печено мевце на Велики Петок? Со филе мињон на пример, завиткано во сланина, полеено со сос од најдоброто бордо и нај убавата павлака? Никако не е посно, нели? И тоа на сред Велики Петок – денот на најстрогиот пост во целиот православен календар. Една таква кременадла во сос од вино и павлака...не би можеле да го нарушите постот повеќе од тоа, нели? А што би си навлекле со неговото нарушување? Има свештеници кои нема да ви дозволат да пристапите кон причест и поради само една маслинка на Велики Петок. Па ние на Велики Петок ниту јадеме ниту пиеме. Не пише ли точно така во упатството – во она раководство со сите правила? И сите вистински православни ги пазат правилата – инаку како би си го заработил билетот за рајот? Нели не си како сите останати денеска во ова себеугодничко општество? Па ти си православен. Не пцуваш, не мамиш, не крадеш. Не пиеш, не пушиш и не гледаш порно. Ниту пак спиеш со својот партнер/ка. Постиш секоја среда и петок. Доаѓаш на црква секоја недела. Ги прочитуваш сите молитви од молитвеникот секое утро и секоја вечер. Нели тоа е она што те прави православен – спазувањето на сите правила? Така да, кога вечерта застануваш пред своите икони да можеш да му благодариш на Бога со „Не сум како грешниците”. Кременадла во Великиот Пост? „Поскоро би умрел од глад”. А дали поскоро би умртвил од глад некој друг?

Еднаш еден православен свештеник по ургентност влетал во локалната болница по време на Страсната Недела.  На интензивното одделение горело во треска едно девојче на возраст од една година. Дехидрирано, со крајно мали нива на железото и белковините во крвта. Тој го прашал таткото на детето – кој бил еден од неговите енориаши, што за име на Бога се случило. По сите изгледи таткото наложил пост на неполнолетната си ќерка. И тоа според „она” раководство со најстрогите монашки правила: никакво месо, јајца, риба...никакви млечни продукти. Го лишувал девојчето и од млеко. Дури кога врескала од глад, тој ја ограничувал до едно јадење на ден – исто како монасите, по сите правила. Свештеникот му наредил да дојде на исповед.

- Ако сакаш воопшто некогаш да добиеш Св. Причест – му кажал тој на таткото – на сред Велики Петок, на највозвишениот ден на пост и молитва преку целата година ќе седнеш пред мене... и ќе изедеш една кременадла.
- Ама тоа е против правилата на постот! – извикал таткото.
- Ти го спазуваш бесовскиот пост! Бесовите воопшто не јадат... ништо, освен човечки души.

И ова не е приказна, а вистински случај одпред неколку години во Монреал. Свештеникот испратил кон тој новообрнат маж едно силно и чисто послание: Православието не е система од правила. Каква е користа од пост кој ти го закоравува срцето? Од пост кој те прави нервозен и раздразнет, груб и студен, способен да казнуваш други или пак самиот себеси? Каква е ползата од пост кој те ожесточува против човекот до тебе па дури и против сопственото си дете? Каков друг може да биде тој пост ако не е бесовскиот? Но тоа значи ли дека треба целосно да се откажеме од постот? Воопшто не. Постењето не е закон, тоа е просто едно средство со определена цел. „Зошто вие православните постите?”  прашал некогаш еден англиканин еден руски философ кој дал совршен одговор: „Зашто тоа ни помага да се молиме.” Постењето ти го растопува срцето. Постењето ти го допира каменото срце и го растопува во срце од плот. Обиди се да ги очистиш  животинските маснотии, здравото пиење и зејтинот од своето тело и нешто внатре во тебе се променува. Започнуваш да ја осеќаш и радоста и болката многу поостро од претходно. Очите ти се исполнуваат со солзи, Старите рани, одавна покриени со белези, се отвараат и тогаш ти доаѓа просветлението: ние сите сме наранети. Сите ние сме само едни ужасни и гладни деца, кои се сопнуваме во мракот. Кога сите маски на месото и виното биват симнати и те разголат – вистинскиот ти, уплашен и повреден, кој дотогаш се криел зад безчувствителниот си израз и тогаш единствената молитва која ти преостанува е: „Боже, биди милостив кон мене, грешниот!”

Двајца луѓе влегоа во храмот да се помолат. Религиозниот се молеше вака: „Слава Богу што не сум како оние грешници. Го исполнувам постот до последната буква. Дарувам десет процента од својот доход за благотворителност. Не мамам, не крадам, не изнудувам, не пцувам, не лажам, ниту пак спијам со онаа или оној. Слава Богу ги исполнувам сите заповеди!”  Религиозниот маж си стои таму и си се моли сам, со тоа што си ги избројува своите добродетели на самиот себе. А точно до таму и стигнува неговата молитва – не подалку од самиот него. Додека далеку назад, во самракот на сенките со очи приковани во подот, стои еден грешник – еден гнасен, покварен изнудувач од оние, кои ги прокоцкуваат на коцка туѓите заштеди; од оние кои ти се сака да ги плукнеш на улица. Тој не смее да ги подигне очите за да не би некој да му го сретне погледот. Тој е сам и е исплашен. Кој ли не измамил, од кого ли не е крадел? Не дал ни паричка на бедните и можете да бидете сигурни дека не пости воопшто. Но тој кој ги мамел сите со ред не може повече да се мами себеси. „Господи помилуј” е единствената молитва која му останала. „Боже биди милостив кон мене грешникот.” Праведниот фарисеј има само еден список со добродетели, со правила, кои да ги мавта како исполнети и молитвата му рикошира обратно кон него. Грешниот митар не пази никакви правила, но молитвата го одвратува од самиот него и го обраќа кон Бога.


Браќа и сестри во Христа, на овој ден ние го отвараме Триодот – книгата со богослуженија за Светиот Велик Пост. Со четириесетдневниот пост кој започнува за само три недели, нашата света мајка – Црквата, не учи не како да постиме а како да не постиме. Нека тоа да биде Божјиот пост, ни кажува таа, а не бесовскиот. Нека тој да ви ги омекне срцата а не да ги закорави. Нека тој да ве покаже не како силни, а како слаби; не како самопрогласени светители, а како самопризнаети грешници; не на местото на Творецот, а на Неговото Творение – постојано со потреба од Неговата велика и богата милост. Православието, вистинското Православие не труби: „Ете, ги исполнив сите заповеди, сега паднете ми во моите нозе и се поколнете на мене!” Православието е викот, извикан во мракот: „Господи, помилуј.” Тоа е викот, кој одекнува внатре во нас со секое „Господи, помилуј.” Но тоа не е извик на очај кон еден жесток Судија, а извик на љубов кон небесниот Бог, Кого се осмелуваме да го наречеме свој Отец.


Црква на правилата ли сме тогаш, или на милоста? Тука напред на ѕидот пред вас не гледате никаква плоча со десет заповеди. Го гледате свештениот образ на Христос – нашиот вистински Бог, кој умре од љубов кон нас, како и Неговата пречиста и пресвета мајка Дева, која почувствува меч да и го пронижува срцето и кое не сопира да се моли за нас. Ги гледате лицата на милосрдието и се молите заедно со мене: „Боже просвети ја темнината во мене. Боже, удави ги гревовите мои во океанот на својата милост. Боже биди милостив кон мене грешниот.”


Проповед  произнесена во Неделата на митарот и фарисејот во храмот на Антиохиската Патриаршија „Св. Ботолф” во Лондон.


Превод и подготовка: м-р Зоран Мамучевски